Митревски ја одбрани победата на Порто, Монпелје го прегази Кил

164

Ракометарите на Порто забележа уште една голема победа во Лигата на шампионите. Тимот во чии редови настапува македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски на гостински терен го совлада Динамо Букурешт во 3. коло од Лигата на шампионите со 26:27. Македонскиот голман повторно имаше забележителен настап и натпреварот го заврши со девет успешни интервецнии, голем дел од нив кога се кршеше резултатот.

Динамо Букурешт одново настапи без засилувањето од Вардар, Едуардо Гурбиндо, кое ќе почека на своето деби во новиот дрес. Динамо иако ја имаше улогата на на фаворит во овој дуел, не успеа да победи и го претрпе вториот пораз во низа, откако претходно загуби и од ПСЖ.

-Ние одлично го почнавме натпреварот, но понекогаш е тешко да го одржиш високото ниво на игра до крајот. Динамо се врати во мечот по што беше многу тешко за нас да ја одржиме предноста до крајот. Сепак среќен сум што успеавме да победиме, а за тоа најзаслужни се играчите, изјави тренерот на Порто, Магнус Андерсон.

Најпрецизни во редовите на Порто беа Алвес и Алварез со по пет гола, додека во поразениот тим се истакнаа Гаминде, Негру и Гарсија со по три гола.

Ракометарите на Монпелје одиграа фантастичен меч и првпат победија во Лигата на шампионите и тоа на домашниот дуел против фаворизираниот Кил (37-30).

Вилемино со осум гола беше најефикасен на теренот за домашната екипа. Екберг со девет погодоци се истакна кај гостите.

Екипата на Мешков Брест претрпе нов пораз, овој пат на свој терен од ПИК Сегед, со 28:25. Унгарскиот шампион доминираше во целиот натпревар и без многу проблеми ѝ се радуваше на втората победа, за која најзаслужни беа Гарцианди со седум и Бомбач со шест погодоци.