Митева: Во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција, потребна е одговорност!

34

Денес власта на срамен, недоличен и со нечовечки пристап прави церемонија со пренос во живо од транспортот на починатите, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Згрозени сме, наместо да покажат почит кон починатите, Забрчанец не се воздржува од себепромоција па на социјалните мрежи објавува фотографии со наслов: Одиме во живо наскоро. Ова е невкусно, во ваков траорен миг не треба да се размислува за промоција туку потребна е одговорност. Нема никаков одговор за автобуската несреќа, се уште се обидуваат да ја зачуваат власта преку одржување на нивната неспособна коалиција, а бугарските власти веќе дадоа првични информации по спроведената истрага“, вели Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив,  власта треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички бил наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички?

„Дали согласно историјатот на промени на регистарски број и орган на регистрација автобусот е регистриран на прилепски таблички на 13.10.2020 година и само после два дена, на 15.10.2020 е направена промената на скопски регистарски таблички? Дали согласно историјатот на промени на носивост, број на места за седење автобусот има 49 седишта на 14.10.2020 година, а промената на 54 седишта е направена на 08.02.2021 година? Дали само после неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници односно за повеќе од 10% од фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт?“, прашува Митева.