Тајниот тунел на австриската влада

Во јавноста во 2010 година е објавена информација дека постои специјален бункер кој во случај на опасност е наменет за криење на членовите на австриската влада. Истата година на една репортерска екипа ѝ е дозволено да го посети бункерот и да направи фотографии од неговата внатрешност.

Покрај спални соби и работни простории, на австрискиот премиер како и на членовите на владата, наводно, на располагање им е и телевизиско студио.

Овој бункер е сместен во подрумот на една од шесте, таканаречени, „противвоздушни кули“. (Флактурм), изградени од армиран бетон во периодот од 1942 до 1945 година. Темелите на бункерот се дебели осум метри, ѕидовите три метри и наводно е подготвен во секој момент да ги прими и да ги скрие „главните“ луѓе на Австрија.

Подземни гробишта

Под улиците и зданијата во строгиот центар на Виена (Иненстадт), скриени од очите на јавноста се наоѓаат подземните гробници, каде што се чуваат коските на некогашните жители на австриската престолнина.

Тука, под црквата „Свети Махаил“ лежи гробницата во која  сè до 18 век биле погребувани побогатите граѓани на Виена.

Влезот во оваа гробница и денес е пристапен, а нејзините внатрешни „кули“, кои се составени од човечки коски, загатнуваат колкав е бројот на виенчани кои своето последно засолниште го пронашле токму во овие катакомби.

„Принуден дворец“

Мрежата на виенските канализациски тунели е долга околу 2.400 километри. Оваа должина одговара на растојанието меѓу Австрија и Казахстан.

Од својата изградба во 1900 година, овие тунели биле постојано населени, пред сè со бездомници за кои претставувале единствено прибежиште.

Многу од внатрешните простории имале дури и имиња, а како нивните жители го доживувале својот дом можеби најдобро го кажува името на една од нив, наречена „Принуден дворец“.

Интересен е фактот дека целата виенска општина можела да се обиколи „на долго и широко одејќи само низ канализациските тунели.

Подземна болница

Покрај за граѓаните, во Виена постоеле и бункери за лекари.

Имено, во текот на Втората светска војна под болницата Лаинц изграден е бункер во кој се наоѓале операциони сали со цела придружна,  неопходна опрема.

Благодарение на многубројните тунели во овој бункер се пристапувало од сите делови на болницата.

Тајната на подрумските ходници

Уште од времето на турската опсада, под целата прва виенска општина биле изградени подруми низ кои без проблем можело да се стигне и до катакомбите на централната виенска катедрала Штефансдом.

Подоцна  нацистите овие подруми ги претвориле во бункери. Иако по Втората светска војна голем број од овие бункери е затрупан, сè уште можат да се пронајдат ходниците кои ги поврзувале.

Еден од најпознатите вакви ходници се протега од подрумот на една градска кафеана и по неколку стотина метри завршува на виенскиот плоштад Шведенплац. Но, никаде не е документирано каде се наоѓаат овие подруми и нивните ходници.

Најголемиот и најпознатиот виенски подрум се наоѓа недалеку од градскиот Парламент. Неговата површина изнесува 2.500 квадратни метри и се протега на три ката, а служел како магацин за животни намирници.

Канализација и „Третиот човек“ – туристичка атракција

Уште една туристичка атракција поврзана со „подземјето“ на Виена е таканаречената тура „Третиот човек“.

„Третиот човек“ е еден од десетте најдобри филмови во светот, а неговото дејство се одвива во Виена.

За љубителите на Орсон Велс и неговото творештво посебна атракција е посетата на Музејот на филмот „Третиот човек“ и турата по канализацијата (каде што се снимени некои од сцените во филмот) .

Опремени со кациги и светлечки ламби, посетителите преку оригиналните скалила од филмот се симнуваат надолу кон еден од најстарите делови на виенската канализација.

„Чума канали“ кои послужиле како сценографија на филмот, лево и десно од реката Вин, изградени во 19 век и ден-денес се со неизменет изглед.