Мистериозни пакети со семиња од Кина стигнуваат на адреси во САД и Британија

111

Граѓаните на  Велика Британија и САД веќе некое време по пошта примаат чудни пакувања со семе од Кина што не ги нарачале, пишува британски Метро.

Не е целосно јасно зошто луѓето ги примаат, но е издадено предупредување во Соединетите држави. Несаканите пакети често имаат натпис на кинески дека внатре има накит, веројатно за да се избегнат проверки на биосигурност или дополнителни трошоци.

Иако повеќето пакувања пристигнуваат во САД, од кои 630 на Флорида, луѓето во Англија исто така започнаа да примаат слични пратки.

Министерството за земјоделство на САД издаде соопштение во кое се вели дека се свесни дека луѓето низ целата земја примаат несакани пакувања семе од Кина. Тие исто така објавија дека работат со Министерството за внатрешна безбедност и другите федерални агенции за да дознаат за што станува збор.

Министерството за земјоделство смета дека може да биде еден вид измама што ја користат разни компании на Интернет кога сакаат да го подобрат рекламирањето на своите производи. Тие им испраќаат на луѓето несакани пакети со свои производи за да можат да остават позитивен коментар на нивната страница.

Одделот за земјоделство откри дека меѓу семето што го добиле американските граѓани се нане, зелка, рузмарин,лаванда, хибискус и роза. Тие исто така ги предупредија оние што ќе ги семињата да не ги садат, туку да ги пријават.

Во Велика Британија, Агенцијата за заштита на животните и растенијата при Одделот за животна средина, храна и рурални работи издаде слична објава. „Биосигурноста е од витално значење и спроведуваме обемни инспекции за да ги заштитиме нашите растенија и дивиот свет“, велат од агенцијата.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин изјави дека има ограничувања за испраќање семе по пошта во Кина. „Кинеските и американските пошти преговараат за враќање на овие лажни пратки во Кина“, рече тој.