Српскиот тенисер  Новак Ѓоковиќ е само петтиот тенисер кој 250 недели поминал на првото место на АТП листата. Простантите четворица кои имаат најмалку 250 седмици на врвот во светскиот тенис се: Џими Конорс (268), Иван Лендл (270), Пит Сампрас (286) и Роџер Федерер (310).

Но, светскиот тениски рекет број еден го чекаат многу големи предизвици во наредните неколку недели, а најмногу од него се очекува на вториот грен слем турнир Ролан Гарос. Минатата сезона беше многу тешка за Новак, особено во првиот дел, а во едно интервју зборуваше токму за најтешкиот период во неговиот живот.

-Тоа беше првиот пат да имам шест месеци одмор. Бев благодарен, бидејќи можев да правам некои работи од кои се имав одвикнато. Во тој период се роди и моето второ дете и тоа донесе големи промени. Исто така, повредата имаше негативен ефект и ме натера да направам технички промени во мојата игра. Сега сервисот ми е поразличен од порано. Потоа имав проблеми во пронаоѓање на ритамот, контрола на сервисот, а сето тоа ми носеше ниска самодоверба на теренот. Тогаш мислев дека никогаш нема да бидам оној стариот и нема да се вратам на тенискиот врв. За мене сега е важно да пронајдам рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, раскажа 31-годишниот тенисер., чиј приоритет сезонава се освојувањето на Ролан Гарос и Вимблдон.