„Во престижната награда ‘Прозарт’ не гледам како на признание за мојата литературна активност која ја остварив досега, туку како на знак на доверба за тоа што ќе направам отсега понатаму, еден бланко чек кој со голема почит ми го додели жирито. Затоа, оваа награда не е само голема радост, туку и голема одговорност, прилика за возбудa, но и немир“, вели лауреатот Картареску по повод наградата што ќе му биде врачена на 9. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ (19 до 22 септември) во Скопје. Картареску последниве години често се споменува како сериозен кандидат за Нобеловата награда за литература

 

„Не е едноставно да бидеш писател, но уште потешко е да бидеш романски писател. Ти треба многу упорност и многу шанси твоите книги да бидат прифатени и надвор од границите на твојата држава. Преку твојата книжевност и културата на која ѝ припаѓаш, треба да ги преиспиташ историските катастрофални хендикепи, треба да се бориш со предрасудите и клишеата што се однесуваат на твојот имиџ во светот, треба да докажеш дека не си културен провинцијалец, дека не пишуваш за некаква матна историја и питорескни обичаи, туку дека твојата проблематика се наоѓа во центарот на размислувањата и медитациите за литературата и судбината на човекот во рамките на европската цивилизација“, вели Мирча Картареску, добитник на наградата „Прозарт“ за 2021.

Ова признание на најпреведуваниот романски современ писател Картареску, што му го доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, ќе му биде врачена за време на 9. издание на фестивалот што годинава, во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“, ќе се реализира од 19 до 22 септември.

Лауреатот Картареску, којшто во последниве години често се споменува како сериозен кандидат во трката за Нобеловата награда за литература, во писмото по повод наградата изјави: „Во престижната награда „Прозарт“ не  гледам како на признание за мојата литературна активност која ја остварив досега, туку како на знак на доверба за тоа што ќе направам отсега понатаму, еден бланко чек кој со голема почит ми го додели жирито. Затоа, оваа награда не е само голема радост, туку и голема одговорност, прилика за возбудa но и немир, вели лауреатот по повод наградата. Таа ме обврзува да се обидам со сите сили да се покажам како достоен за неа. Наградата ти прави чест, но само ако и ти ѝ правиш чест нејзе, преку твоите напори да ја заслужиш…“.

Тој во својата порака исто така вели: „Треба да се соочиш со чудната амнезија на западниот свет, кој те заборава, само неколку месеци по објавувањето на твојата книга и повторно се запознава со тебе кога се објавува следната, како никогаш порано да не те сретнал. Но, сите овие недостатоци се потполно компензирани со радоста на пишувањето, со сознанието дека преку твоето писмо, си придонел малку кон убавината на светот…“

Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата, пак, истакнува дека е донесена едногласна одлука наградата „Прозарт“ да се додели на Мирча Картареску, романски писател со карактеристичен наративен талент чија проза во почетокот на 21 век се наметнува како моќен глас во контекст на современата европска литература.

„Картареску е најпреведуваниот современ романски автор, чиј неоспорен квалитет се докажува особено со неговата позната трилогија  „Заслепување“, што не само што е преведена на речиси сите европски јазици, туку е и универзално книжевно достигнување“, посочува Лафазановски.

Мирча Картареску е добитник на голем број престижни домашни и меѓународни награди, меѓу кои: Меѓународната награда за литература „Виленица 2011“, Меѓународна награда за литература „Берлин 2012“, Награда за најдобра книга преведена во Шпанија во 2014 година, Австриската државна награда за литература (2015), Лајпцишката награда за книга за европското разбирање (2015), Наградата „Томас Ман“ во Германија (2018)…

Надвор од границите на Романија, Картареску брои десетици преводи на неговите книги, а меѓународните критичари велат дека тој во моментов го претставува најдоброто од европската литература. Тој е редовен професор на Универзитетот во Букурешт и новинар. Член е на Сојузот на писателите на Романија и романскиот ПЕН.