Челниците на кошаркарскиот клуб Барселона, прават голем „рестарт“ по дебаклот на фајналфорот на Евролигата во Каунас. Раководството на клубот сака да го намали буџетот меѓу 20 и 25 проценти. Со оглед на тоа што претходниот буџет изнесуваше 44 милиони евра, спортскиот директор Хуан Карлос Наваро, ќе мора да ги „скрати“ тие пари од 8 до 11 милиони евра.

Шпанските медиуми и специјализирани портали пишуваат дека Никола Миротиќ ќе биде прва жртва на листата на играчи кои ќе треба да се откажат од дел од приходите, бидејќи има најголема плата и не ја оправда во Литванија. Откако во полуфиналето го одигра еден од најлошите натпревари во кариерата, кошаркарот кој заработува по пет милиони евра годишно ќе треба да прифати дека приходите ќе му се преполоват или да си замине.

Никола дојде во Барселона во 2019 година, во сензационален трансфер од НБА, но не успеа да го одведе тимот до третата европска шампионска титула во историјата на Барселона. Миротиќ има уште две години од договорот и според извештаите од Шпанија, тој има намера да го доживее тоа до крај, но Барселона очигледно нема да сака да го направи тоа во сегашните околности.

„Имам договор со Барселона и би сакал да го завршам. Но, во кошарката и во другите спортови понекогаш играчите не се во можност да ги завршат договорите“, изјави Миротиќ во пресрет на натпреварот за третото место во Евролигата во Каунас, во кој Барселона загуби и од Монако.

„Ќе видиме што ќе биде со мојата иднина, но како што кажав имам уште две години, но се уште ништо не е решено, кажа Миротиќ.

Со оглед на пресвртот на Барселона, интересно ќе биде да се проследи ситуацијата околу останувањето на Никола Калиниќ, за кого шпанските медиуми ја споменуваат и можноста да се врати во Црвена звезда Меридијанбет и да го облече дресот по четврти пат во кариерата.