Мирно и масовно заврши протестот во Атина во рамките на генералниот штрајк

64

Под слоганите „Грција да не стане земја со евтина работа без рабонички права“; „Повлечете го законот за работни односи“; „Без прекин работат само часовниците“; „Не за укинување на осумчасовното работно време“, мирно и масовно заврши протестот во центарот на Атина во рамките на генералниот 24-часовен штрајк, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот е организиран од Синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор во Грција поради новиот закон за работни односи на Министерството за труд и социјална политика, а дел од демонстрантите за МИА велат дека станува збор за закон кој целосно им штети на работничките права, го укинува осумчасовното работно време и бараат Владата итно да го повлече.

Протестот во центарот на Атина беше еден од помасовните во изминатиот период, според полицијата учествувале околу 16.500 лица на трите посебни собири, од кои околу 11.000 на протестот организиран од Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија,  4.000 на Синдикатите на вработените во јавниот (АДЕДИ) и приватниот сектор (ГСЕЕ).

Заедно со синдикатите, со посебно пано беа и членови и поддржувачи на опозицскта СИРИЗА како и пратеници од партијата, но и претседателот Алексис Ципрас.

Генералниот штрајк што започна утрово ја парализира земјата, а создаде проблеми во бродскиот и железничкиот сообраќај во Грција, во јавниот превоз во Атина, но и во информирањето на граѓаните.

Бродовите се закотвени на пристаништата, возовите на железничките станици, а во Атина функционираат само автобусите и тоа само 12 часа, додека пак метрото, трамвајот и тролејбусите не возат.

Во штрајкот учествуваат и вработените во државните болници, во брзата помош, професорите и наставниците, како и државните службеници, но и вработените во медиумите, во приватните и државните, со што Грција денеска е без информативни емисии и без вести.

Единствено, грчката телевизија „Скај“ утрово го прекрши штрајкот и емитуваше информативна емисија и вести, по што реагираше Здружението на новинари и го осуди прекршувањето.