Скопје денеска и утре ќе биде домаќин на Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа (Процес „17+1“), кој го организираат Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ.

Официјалното отворање беше во 10 часот со воведно обраќање на министерот за култура Хусни Исмаили по кое на главниот панел ќе се обратат претставници од земјите учеснички на форумот – министри, заменици-министри и други членови на делегации.

На форумот учествува и министерот за култура и туризам на Кина, Луо Шуганг, кој во пресрет на денешниот настан вчера со министерот домаќин Исмаили посети културни знаменитости во Охрид и Скопје.

Премиерот Зоран Заев ќе се обрати на попладневната сесија на форумот од кој се очекува да биде усвоена Скопска декларација со план за соработка во следните две години (2020-2021).

  • Планот опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување  симфониски оркестар од 18 земји членки во Процесот „17+1“, информираше Министерството за култура.

Во попладневниот дел од Форумот ќе биде презентирана веб-платформата на Координативниот центар за културна соработка, како и проект за културен туризам.  Предвидено е  учесниците на министерскиот форум денеска да го посетат Музејот на современата уметност и вечер да присуствуваат на концерт на Филхармонијата.

Форумот ќе продолжи и ќе заврши утре претпладне во Археолошкиот музеј каде што учесниците ќе ја разгледаат постојаната поставка.

Претходните три министерски форуми за културна соработка меѓу НР Кина и земјите на ЦИЕ беа одржани во Кина, Бугарија (Софија) и Кина. На Третиот министерски форум во Кина беше усвоен и потпишан Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и НР Кина за воспоставување Координативен центар за културна соработка со седиште во Скопје.

фото: Н. Батев