Министерот Оливер Спасовски се вози во секнд хенд БМВ!

Освен Спасовски, луксузни возила од оваа Агенција, по основ на запленет имот, возат и други државни и локални функционери, но и раководители на стручни служби, правосудни органи и сл. Возилата тие ги добиваат според утврдени критериуми, но оние од типот на БМВ, Мерцедес, Ауди 8 се наменети исклучиво за “нај” функционерит

438

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се вози во запленето возило, или што народски би се рекло секнд хенд (втора рака). Возилото е доделено на МВР од депото на запленети возила.

Се работи за  БМВ 7 луксузен автомобил, чија пазарна вредност е до 150.000 евра, а кое, како што потврди и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани било запленето. Возилото, како што информираше Асани, не било блиндирано, а државата за возилото не платила ниту денар.

Освен  Спасовски, луксузни возила од оваа Агенција, по основ на запленет имот, возат и други државни и локални функционери, но и раководители на стручни служби, правосудни органи и сл. Возилата тие ги добиваат според утврдени критериуми, но оние од типот на БМВ, Мерцедес, Ауди 8 се наменети исклучиво за “нај” функционерите.

Инаку вчера од депото на Агенцијата за управување со одземен имот на 26 институции им беа доделени 100.000 парчиња. Ова доделување, како што информираше директорот на Агенцијата, Асани е прво во 2019 година, а во 2018 година биле доделени над 30.000 парчиња. Се работи за облека, текстил, апарати за домаќинство, техничка стока.

– Во 2017 година затекнавме околу шест милиони непреземени работи и средства на Царинската управа, таа бројка ја намаливме на четири милиони и мислам дека до крајот на годината таа бројка ќе падне на два милиони. Овие 100.000 парчиња се одземени со правосилни решенија, а има и предмети и средства кои сè уште не се правосилни, вели Асани и додаде дека сите предмети кои се доделени имаат одредена вредност која не знаеше точно колкава е.

Во последно време, како што рече, од предметите кои се запленуваат поголем број се возила од кој поголем дел одат за старо железо. Од овие возила веќе се продадени над 500. Тој очекува дека на тендерот кој го објавиле за продажба на старо железо ќе бидат продадени околу 400 возила.

-Последното возило кое беше донирано беше на училиштето “Климент Охридски„, кое претходно беше средено и доделено во подобра состојба отколку што беше. Ние како Агенција во последните две години имаме доделено над 300 возила на државни институции со што сме направиле заштеди на државниот буџет од над еден милион евра.