Министерот Исмаили на отворање на манифестацијата „Риека – европска престолнина на културата 2020″

46

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска во Хрватска ќе учествува и ќе се обрати на средбата на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа што се одржува во Риека, каде што официјално почнува и целогодишната манифестација „Риека – европска престолнина на културата 2020″.

Тема на состанокот е „Јакнење на културата во функција на одржливиот развој”, а домаќин е министерката за култура на Хрватска Нина Обуљен-Коржинек, чија земја е актуелен претседавач на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа.

Како што соопшти Министерството за култура, ќе бидат разменети мислења и ставови за предизвиците во културната соработка на земјите членки, преку мобилност на уметниците и заеднички проекти. На состанокот ќе биде усвоена и потпишана декларација.

– Исто така, министерот Исмаили во рамките на престојот во Риека, заедно со другите министри за култура ќе присуствува и на свеченото отворање на манифестацијата „Риека – Европска престолнина на културата 2020″ во Хрватскиот народен театар „Иван пл. Зајц”, соопшти Министерството за култура.

Мотото на манифестацијата во цела 2020 година е „Пристаниште на различности”. Планирани се повеќе од 600 настани во кои ќе бидат вклучени над 300 организации и уметници од 40 земји од Европа и од светот.

Титулата „Европска престолнина на културата 2020″ Риека ја дели со ирскиот град Голвеј.