Министерот задолжен за странски инвестиции во посета на грчка компанија во Струмица

62

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан денеска беше во посета на ГС Текстил, странска инвестиција која е лоцирана во Струмица, се наведува во соопштението од неговиот кабинет.

Компанијата е грчка, со 120 вработени и се занимава со производство на готови текстилни производи освен облека. Компанијата е корисник на финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка.

На средбата беше истакнато задоволството од навременото исплаќање на финансиската помош од страна на Владата и од постојаната комуникација со кабинетот на министерот Хасан, кој е задолжен за овој предмет. Исто така беше изразена благодарност за поддршката која компаниите ја добија од страна на Владата во време на пандемијата. При средбата, се вели во соопштението, се запазуваа новите протоколи за заштита од ковид 19.

Преку директна поддршка на инвестициите од наша страна и олеснување на условите за инвестирање во нашата земја успеавме да привлечеме рекорден број на инвестиции со кои се отворија 65.000 нови вработувања, истакна министерот Хасан.

Од 2017 до 2019 бројката на странски инвестиции изнесувала повеќе од 750 милиони евра. Владата постојано прави заложби да се прилагодат условите на потребите на инвеститорите и странските инвестиции како и домашните се третирани исто, Законот за финансиска поддршка се работеше и се менуваше за компаниите да можат максимално да бидат поддржани, се додава во соопштението.

Извор:МИА