„Буџетот за следната година е горе-долу со исти бројки како и минатата година. Значи, успеавме и покрај тешката економската ситуација да имаме приближно ист буџет. Скратени се средствата, бидејќи се скратени во сите области во земјата и се насочуваа во здравството. Ние мора да преживееме за потоа да можеме да работиме. Тоа преживување, животот не може и не смее да застане, така што културата мора да функционира. Во моментов пресметуваме колку од обврските од оваа година, ќе ги пренесеме во 2021 година. Тоа може да го намали буџетот за следната година. Но, во секој случај така е проектиран да нема застои во културата“, изјави Министерката за култура Ирена Стефоска од Штип, каде што присуствуваше на одбележувањето на 70 години Завод за заштита на споменици и Музеј на град Штип.

Таа одговараше на новинарските прашања и за другите горливи проблеми во културата.

„Конкурсот за Националната програма за проекти од областа на културата заврши пред неколку дена, а една од клучните препораки на конкурсот е апликантите да се подготват, да работат и да аплицираат за состојба во ковид-услови. Што значи, така да ги подготвуваат проектите за реализација“, изјави Стефоска.

Во однос на проектите за Штип, Стефоска вели дека националните установи конкурирале со програми.

„Оваа година рокот беше 1 август. Свесна сум за проблемите со кои се соочуваме во заштитата, така што, за конкурсот кој заврши пред некој ден резултатите ќе бидат објавени во јануари. Јас сум во постојана комуникација со директорите на установите од културата, така што сум прилично добро запознаена. Сепак, имајќи ја предвид ковид-состојбата, буџетот, наследните проблеми правиме стратегија и работиме на принцип на приоритети“, посочи Стефоска.