Минималната плата од овој месец е 15.000 денари

Бруто платата е 21.776 денари, а од неа за придонеси се зафаќаат 28 проценти или 6.097 денари. Односно, 18,8 проценти или 4.094 денари се придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, а 7,5 проценти, односно 1.633 денари одат за задолжително здравствено осигурување. Уште 0,5 отсто или 109 денари се земаат за дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај повреда и професионално заболување и 1,2 отсто или 261 денар се за придонесот за задолжително осигурување во случај на невработеност, односно за придонесот за вработување. Кога ќе се одбие данокот на личен доход за уплата на сметките на вработените остануваат 14.934 денари

206

 

Додека во изборната кампања политичките партии се натпреваруваат со ветувања дека ќе ја зголемат минималната загарантирана плата до ниво блиско на сегашната просечна, работниците кои примаат минималец очекуваат на сметките конечно да им легнат онолку пари колку што им следуваат според закон.

Овој месец конечно, ќе добијат околу 500 денари повеќе, односно минимална плата од 14.934 денари, зашто изминаа трите месеци кога таа беше замрзната.

Имено, со Уредба со законска сила поради корона-кризата во април Владата ја замрзна минималната плата на ниво од околу 14.500 денари иако според параметрите кои ја одредуваат требаше да се доближи до 15.000 денари.

Сега, Министерството за труд и социјална политика во „Службен весник“ објави дека почнувајќи од овој месец минималната плата како бруто сума изнесува 21.776 денари, од што произлегува дека нејзината нето вредност е 14.934 денари, колку што според закон требаше да изнесува кога беше замрзната.

Според пресметките, од бруто платата од 21.776  денари 18,8 проценти или 4.094 денари се придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, а 7,5 проценти, односно 1.633 денари одат за задолжително здравствено осигурување. Уште 0,5 отсто или 109 денари се земаат за дополнителен придонес за задолжително осигурување во случај повреда и професионално заболување и 1,2 отсто или 261 денар се за  придонесот за задолжително осигурување во случај на невработеност, односно за придонесот за вработување .

Вкупно од бруто платата за придонеси се зафаќаат 28 проценти или 6.097 денари. Остануваат  15.679 денари, од кои кога ќе се пресмета данокот на личен доход од 10 проценти на намалена основица, остануваат 14.934 денари, кои легнуваат на сметката на вработениот.

Законскиот раст на минималната плата беше сопрен во април и таа три месеци остана на ниво од околу 14.500 со Уредба со законска сила што ја донесе Владата.

Бидејќи трите месеци истекоа и Уредбата не важи, минималната плата сега е зголемена за 435 денари според членот 4, став 2 од Законот за минимална плата, како резултат на растот на просечната плата, трошоците за живот и на бруто-домашниот производ во периодот кога беше замрзната.

(С.В.)