Минатата година собрани околу 58 илјади единици крв

53

Со свечен настан денеска во Скопје беше одбележана 78-годишнината на Црвен крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството.

Претседателот на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Ромел Велев во изјава за медиумите истакна дека во текот на изминатава година успеале да соберат приближно 58 илјади единици крв.

-Ќе одржиме свечена седница Годишно собрание на Црвениот крст на Северна Македонија. И покрај продолженијата на ковид-ситуација, сепак успеавме предвидените 52 илјади единици крв што требаше да ги собереме да ги надминавме и да стигнеме некаде приближно до 58 илјади единици крв, што многу зборува за активноста на нашите општински организации – рече тој.

Велев додаде дека плодната и континуирана соработка со Институтот за трансфузиона медицина, со поддршка на Министерството за здравство е во постојан подем и заедно прават напори да бидат во чекор со новите трендови давајќи заеднички придонес за успешната реализација на годишната Програма за организирање и унапредува на крводарителството во нашата земја.

-Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на мотивациските аспекти на полето на крводарителството, со цел да влијаеме на мобилизирање и задржување на доброволните и неплатени крводарителства. Посебен акцент во иднина ќе ставиме на промовирање на новите форми на врсничка едукација во образовните институции и едукација и оспособување на повеќе едукатори за мотиватори и доброволно крводарителство истакна Велев.

Според министерот за здравство Фатмир Меџити, овој датум поврзан со историскиот развој на Црвениот крст кој кај нас е потсетување за сите изминати 78 години делување, волонтерска ангажираност, помош и поддршка во заедницата.

-Преку чинот на дарување крв и во иднина ќе се стремиме кон напорите за обезбедување крв и крвни продукти за задоволување на потребите на здравствениот систем во Република Северна Македонија, со што ќе се придонесе за градење на стабилни заедници. Црвениот крст е секогаш во служба на граѓаните, посветени на нив и на потребите во заедницата во која дејствувате. Вашата ангажираност е позитивен пример препознаен од сите нас, рече Меџити.

На крајот на настанот беше прикажан филм посветен на крводарителството.