Пратеникот Антонио Милошоски денеска побара од претседателот на Комисијата за деловнички прашања, пратеникот Панчо Минов, во најкус можен рок да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена.

Тешка повреда сторил „пратеникот кој врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“. Ова, како што посочи Милошоски, е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој е усвоен во 2018, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери!

„Истиот пратеник од позиција на претседател на Собранието на 11 мај, како што слушна целата јавност, со крајно вулгарен речник врши притисок кон вработените во службата за седници во Собранието, пцуејќи ги нивните мајки и омаловажувајќи го нивното достоинство. Ова е досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана согласно истиот“, истакна Милошоски додавајќи дека ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка после бруката во Собранието.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, посочи дека премиерот Ковачевски наместо да бара одговорност, Џафери заедно со него следеше фудбалски натпревар.

„Интерпелација објективно сега да зборуваме пред граѓаните таа нема да успее, бидејќи Ковачевски ако го нападне Талат Џафери ќе му падне владата. Ене, вчера го гледаме на еден стадион во Чаир како навива помеѓу Али Ахмети и Талат Џафери седнат и тоа доволно јасно прикажува во каква улога е тој човек и зошто велиме дека е заробен. И сега како ние ќе правиме интерпелација единствено да ги слушнеме како се препелкаат овие од СДСМ да го бранат Талат Џафери кој ги пцуеше мајките на вработените во Парламентот. Ете тоа е. Тоа се вредностите? Еве ја повикувам и меѓународната заедница, ако се тоа вредностите и ако стојат зад овие политичари тогаш извинете, со такви вредности јас не сакам да живеам“, истакна Мицкоски.