Милиони ќе умрат од глад ако Русија не ги ослободи пристаништата, предупредува италијански министер

149

Италија предупредува дека милиони луѓе би можеле да умрат од глад доколку Русија не ги ослободи украинските пристаништа на Црното Море, јавува Би-би-си.

„Блокирањето на извозот на жито значи држење заложници и осудување на милиони деца, жени и мажи на смрт“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо, по состанокот во кој учествуваа и други медитерански земји и Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).

Ди Мајо додаде дека следните неколку недели ќе бидат клучни. Неговите зборови се одраз на загриженоста на меѓународната заедница мотивирана од неможноста на Украина да извезува храна на нормални начини.

Украина е еден од најголемите извозници на житни култури во светот.

Русија негира дека нејзината инвазија предизвикува глобална прехранбена криза. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека сега останува на Украина да го расчисти од мини морето околу пристаништето и да им дозволи на бродовите да пловат безбедно.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во вторникот изјави дека украинските пристаништа Бердјанск и Мариупол, кои беа окупирани од руските сили, се деминирани и се подготвени да ја обноват трговијата со жито. „Деминирањето на пристаништето Мариупол е завршено. Тоа функционира нормално и ги прими првите товарни бродови“, рече Шојгу.