Кошаркарите на МЗТ Скопје полесно од очекувањата дојдоа до победа на денешниот дуел против Куманово, славејќи на домашен терен со 86:71 во рамки на 4. коло во Првата лига.

ФОТО: Петр Стојановски

Освен во првата четвртина која заврши со 24:24, домаќинот заигра далеку поангажирано и го презеде водството кое на полувреме изнесуваше плус 11 (50:39). Во третата четвртима тимот од Аеродром ја зголеми преноста и до крајот истата ја одржуваше за трета победа во домашното првенство.

Ова воедно е трета победа во низа за МЗТ, по стартниот пораз од Пелистер (82:79), додека Куманово го запиша третиот неуспех во низа.

Најефикасен во победничкиот тим беше Дамјан Стојановски со 25 поени, додека на спротивната страна Каплановиќ запиша 17 коша.

За разлика од дуелот меѓу МЗТ и Куманово, далеку подраматичен меч одиграа Феникс 2010 и Ангели. На крајот на победа се радуваше Феникс со 83:80 по продолжание. Иако имаа негатива од 68:73 на 14. секунди пред крајот, сепак Феникс успеа да дојде израмнување по промашените слободни фрлања на гостите, а во продолжение и до победата.