Сè е подготвено за старт на новата сезона во АБА-лигата, а македонскиот шампион МЗТ Скопје повторно е дел од елитата по неколку години минати во второто по ранг натпреварување во регионот.

Како и што најавија од таборот на „металците“, тимот има големи амбиции за наредната сезона, а прв противник во ова натпреварување е актуелниот бранител на тронот, екипата на Црвена звезда, меч кој ќе се одигра во Белград во 20 часот. Ниту во второто коло на нашиот шампион нема да му биде лесно, бидејќи за противник во СЦ „Јане Сандански“ ќе го има фаворитот Партизан.

  • Нè очекува интересна и тешка сезона. МЗТ Скопје оваа година ќе атакува на сите домашни титули, но исто така примарна цел ни е да обезбедиме опстанок во АБА лигата. Ова натпреварување е меѓу трите најдобри во Европа. Нè очекува дуел со Црвена звезда, екипа која игра во Евролигата и има буџет десет пати поголем од нашиот. Сепак, нема да излеземе со бело знаме и ќе дадеме сè од себе да дојдеме до поволен резултат, истакна тренерот Александар Петровиќ.

Македонскиот претставник се засили со неколку квалитетни кошаркари во текот на летото, како Мајк Кафи, Страхиња Миќовиќ, Еван Максвел, Андреј Магдевски и Димитар Пандев, а во својот прв тим ги промовираа и младите Андреј Андоноски и Самет Јигитоглу. Управата на тимот, исто така, направи одлична работа со задржување на некои од клучните играчи од претходната сезона, како клупските легенди Војдан и Дамјан Стојановски, потоа Били Ајви, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ и Дамјан Робев.

Тимот од Аеродром се соочува со неколку повредени кошаркари, но тоа не ги спречува да целат кон високи амбиции оваа сезона. Кефи се повреди на натпреварот од Суперкупот на Македонија, каде МЗТ Скопје го подигна првиот трофеј сезонава совладувајќи го тимот на ТФТ.

  • Имаме и повредени играчи. Со Кефи ситуацијата е добра, се надевам ќе настапи против Звезда, мислам имаше некој грч, додека Мекиќ и Максвел нема да бидат во конкуренција за оваа средба. Американецот има повреда на коленото и очекуваме медицинскиот тим да даде анализа. Ако не се реши проблемот, ќе мора да бараме решение за него. Мекиќ го чекаме во тренажен процес, ама сметам дека реално еден месец ќе го нема. Во првите пет кола имаме четири средби со главните претенденти за освојување на АБА лигата. Очекувам добра сезона, да нè служи здравјето, задоволен сум од работата на играчите на тренинзите и натпреварите, додаде Петровиќ.