Додека сеуште се чека дали МЗТ Скопје или Приморска ќе игра во првата АБА лига, а како што стојат работите тоа ќе биде словенечкиот претставинк, се чини дека сè е договорено за АБА2 лигата.

Второто по ранг регионалното натпреварување ќе се игра на необичен начин, а како што дознава црногорскиот портал „Вијести“, ќе се игра во т.н. „Балони“, слично како што е доигрувањето во НБА лигата (таму завршницата се игра на едно место – Орландо)

Наместо предвидените 26 кола, планот е сите тимови да одиграат 13 натпревари на два турнири, во ноември и јануари.

Осумте најдобри екипи во еден град би играле за титулата во четвртфиналето, полуфиналето и финалето во март (ќе се играа по два натпревари), деветтото и десеттото место ќе го завршат својот настап по 13 кола, а четирите најслаби екипи исто така ќе се натпреваруваат во март, во борбата за опстанок.

Повеќето клубови поддржуваат ваков систем на натпреварување, но таа одлука мора да биде потврдена од Собранието на АБА-лигата.

Челниците на регионалното натпреварување дадоа таков предлог од безбедносни причини, т.е. страв од зараза со коронавирус, како и намалување на трошоците.

Имено, сите учесници во АБА 2 лигата играат и домашни натпреварувања, во кои клубовите нема да бидат тестирани на ковид-19.

Поради тоа, ризикот од зараза е голем, а повеќето учесници во второлигашот јадрански караван немаат доволно пари за да ги тестираат играчите пред секое гостување. Затоа ќе играат во „Балоните“, каде треба да се најдат и двата наши претставника – МЗТ Скопје и Работнички.

Недостаток на ваквиот систем на натпреварување е што ќе има помалку натпревари, како и тоа што навивачите, доколку им се дозволи да се вратат на трибините во догледно време, ќе бидат отстранети од гледање на натпревари во живо.

Ваков систем на натпреварување е можен и за првата АБА-лига, но како што се приближува 3 октомври и закажаниот почеток на сезоната, се чини дека се поизвесно е дека шампионатот ќе започне како што е планирано.

Границите меѓу земјите од поранешна екс-ЈУ се отворени, а според протоколот на АБА-лигата, сите тимови ќе треба да направат тест за коронавирус пред да заминат на патување. Кој е негативен, ќе може да игра.