МЖ Транспорт: Возот на релацијата Кочани-Велес-Скопје во функција по поправка на локомотивата

48

Возот на релацијата  Кочани-Велес-Скопје, којашто не сообраќа веќе 16 дена, ќе биде во функција откако ќе биде поправена локомотивата што беше оштетена при несреќа на 22. минатиот месец кога излета од шините кај железничката станица „Јане Сандански“, вели за МИА  портпаролот  ЈП Македонски железници Транспорт Беким Лачи.

Според него, поради недостиг на локомотиви, оштетената локомотива е на поправка, а не можеле веднаш  да ја заменат бидејќи немаат доволно локомотиви.

Се санира дефектот на локомотивата во депото на МЖ во Лисиче. Станува збор за сложена локомотива затоа поправката се уште трае. Кога ќе биде поправена веднаш ќе биде ставена во функција и пак ќе сообраќа возот Кочани-Велес-Скопје и обратно, најави Лачи.

Патничкиот воз од Кочани преку Велес за Скопје утрото на 22 јули во 8,25 минути од сеуште  неутврдени причини  излета од шините кај станицата „Јане Сандански“ и удри во електричен столб, но немаше повредени лица.

Извор:МИА