Според направената магнетна резонанција еден од најдобрите кошаркари во историјата, Кевин Дурант, ќе мора да паузира подолг период поради истегнување на Ахиловата тетива. Тој по пауза од еден месец се врати на терен, нецелосно рехабилитиран, а поради тоа му се случи најболната можна повреда во кошарката која бара долг период на рехабилитација и воедно ретко кој играч успеал да ја врати формата во која претходно бил.
И покрај повредата на Дурант, екипата на Голден стејт славеше со 106:105 на гости кај Торонто и со тоа ја продолжија сезоната намалувајќи на 3:2 во финалната серија, па шестиот меч ќе се игра ноќта меѓу четврток и петок.
Дурант во соблекувална замина (по само 11 минути игра) со помош на соиграчите Стеф Кари и Андре Игудала, додека од арената излегол со помош на патерици.
- Нашите навивачи ќе бидат погласни на шестиот меч. Ме боли од дното на душата, не можам да лажам, но кога ги гледам своите браќа како го добија натпреварот ми беше како да сум се напил текила, како повторно да се родив, истакна по натпреварот Дурант.
Иста таква повреда имале и неговиот соиграч Демаркус Казинс, кој беше на рехабилитација една година, па се очекува идентичен епилог да има и повредата на Кевин.
- Мислам дека не може никого да обвинувате поради новата повреда на Кевин, но ако јавноста сака виновник, нека бидам јас. Претседател сум на кошаркарските операции во клубот и мене може да ме обвините. Направивме се за да се врати Дурант што побрзо на терен, но тоа ни се удри од глава, истакна Боб Мирс.