Меџик Џонсон: Ништо нема да биде исто без Коби

107

Меџик Џонсон е еден од синонимите на Лос Анџелес Лејкерс. Легендарниот бек и поранешен шеф на калифорнискиот клуб не можеше да остане рамнодушен по трагедијата во која животите ги загубија Коби Брајант, неговата ќерка Џиана и уште седум други кои биле на хеликоптерот што се урна синоќа.

„Не можам да верувам и плачам целото утро по вестите за Коби и неговата ќерка Џиџи. Она што го стори за кошаркарската игра не може да се опише со зборови. Тој пренесе знаење на помладите – без разлика дали станува збор за адолесценти, деца од колеџ, НБА или женската НБА. Знам дека ќе им недостасува на обожавателите насекаде, особено во Лос Анџелес”, пишува Меџик.

„Коби и јас споделивме многу специјални разговори за животот и играта. Имавме многу заеднички нешта надвор од теренот. Обожавав кога разговараме за Лејкерси со него, за татковството, семејството и колку ја сакаме Италија. Ќе ми недостигаш толку многу”, продолжува тој.

„Мојот пријател, легенда, сопруг, татко, син, брат, добитник на Оскар и најголемото „езерџија” на сите времиња го нема. Тешко е да се прифати. Коби беше лидер во играта, ментор како на кошаркари, така и кошаркарки”, пишува Џонсон во изјавата.

„Ништо не би било исто без Коби. Ниту Лејкерс, ниту кошаркарската игра, ниту нашиот град. Јас и Куки се молиме за Ванеса, неговите прекрасни ќерки, Наталија, Бјанка и Капри, како и неговите родители, Џо и Пам и неговите сестри. Ние секогаш ќе бидеме тука за семејството Брајант”, заклучува тој.