Меѓународна спогодба за соработка при потраги и спасување во воздухопловството

32

Директорите на агенциите за цивилна воздушна пловидба на Македонија, Србија, Црна Гора и на Словенија во Охрид потпишаа Меѓународна спогодба за регионална соработка во рамки на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилно воздухопловство (РАСАРАК).

Станува збор за прв документ од таков вид во Европа, во обид да се усогласи меѓународната соработка што ќе ги координира сите служби инволвирани во спасување, трагање, укажување помош на унесреќени лица и материјални добра.

– Имајќи ја предвид потребата од организиран систем за спасување на воздухоплови и лица во опасност, како операции од висок ризик, денешниот собир е само потврда дека со земјите од регионот работиме на усогласување на домашните легислативи во обезбедување на потребните ресурси за овој тип операции. Регионалната соработка е од исклучително значење за Република Северна Македонија во воспоставувањето високопрофесионални стандарди во цивилното воздухопловство – истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Владата вчера го усвои Законот за воздухопловство, со цел усогласување на националната со европските регулативи.

– Законот е целосно усогласен во директивите на ЕУ, како и со стандардите на ЕУРОКОНТРОЛ, со што обезбедуваме ефикасен начин на организација на воздушниот сообраќај и летачките операции, рече министерот, нагласувајќи дека со Законот ќе биде затворено и прашањето околу самостојноста на Агенцијата за цивилно воздухопловство – потенцираше Бочварски.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, истакна дека основната цел на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилно воздухопловство е да се изврши хармонизација на сите активности за трагање и спасување и да се унапреди прекуграничната соработка на државите членки.

– Станува збор за активност од есенцијална важност во одвивањето на цивилната воздушна пловидба. Ние работиме да бидеме подготвени за секаква вонредна ситуација или потреба, за да можат државите соодветно да одговорат на предизвиците… Да се искоординираат сите служби кои можат да придонесат за спасување човечки животи или материјални добра и тоа на ниво на дел на континентот. Тоа е целта на постоењето на РАСАРАК – рече Тунтев.

Во моментов РАСАРАК го сочинуваат десет држави членки – Македонија, Бугарија, БиХ, Црна Гора, Србија, Хрватска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со три држави со статус на набљудувачи.