Меѓународен славистички научен собир „Славистиката во синхронија и дијахронија“

52

Катедрата за славистика по повод 75 години од основањето организира Меѓународен славистички научен собир „Славистиката во синхронија и дијахронија“. Собирот ќе се одржи на 29 и на 30 септември во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и на платформата Зум.

Овој значаен настан претставува континуитет на досегашната традиција на одржување на меѓууниверзитетски научни врски во три полиња: македонско-руски, македонско-полски и македонско-чешки научни истражувања од областа на јазикот, книжевноста и културата која произлегува и од договорите за соработка на УКИМ со универзитетите од Русија, Полска, Чешка, Словенија, Србија, Хрватска и др.

Тематската определба на Собирот е да се стави акцент на бохемистиката, полонистиката и русистиката како основни дисиплини во наставата и истражувачката дејност на нашата Катедра. Главната цел на овој Собир е размена на искуства и идеи од доменот на славистиката низ призмата на современите научни истражувања со: контрастивни теми поврзани со овие три јазика и сите словенски и несловенски јазици; теми поврзани со проучувањето на словенските јазици, книжевности и култури; прилози поврзани со меѓукултурниот дијалог во словенските јазици и книжевности; традуктолошки и културолошки теми, како и со теми поврзани со иновативните дидактички методи и техники инспирирани од актуелните состојби во наставата во услови на пандемија.