Механизам за цивилна заштита на ЕУ: Австрија испраќа генератори, шатори, ќебиња, како помош во Македонија

146

Австрија испраќа ракавици, средства за дезинфекција и други предмети во Македонија. Земјава ќе добие 5 генератори (од 14 кило-волт-ампер), 25 семејни шатори, 200 душеци, 1000 ќебиња, 500 парчиња за хигиена и 500 комплети за постелнина (за една употреба), соопштија од Делегацијата на Европската унија во Скопје. Оттаму велат дека по барањата за помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ во борбата против пандемијата на коронавирус, ЕУ координира и кофинансира испорака на пратки за помош во ЕУ и во соседните земји.

-Овој вирус не познава граници и да работиме заедно е единствениот начин на кој можеме да го спречиме. Благодарен сум на Австрија за нејзините гестови на европска солидарност. Нашиот центар за координација за итни реакции продолжува да работи 24/7 за поддршка на државите членки на ЕУ и на најблиските пријатели, коментира Јанез Ленарчиќ, еврокомесар за управување со кризи.

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека ова е дел од целокупната поддршка на Унијата за земјава и целиот регион на Западен Балкан, што вклучува помош и за социјално и економско закрепнување.