Метла за Ласкова, Кирацоски, Филипче, Анѓушев…?

Останува и прашањето дали „метлата“ ќе ги опфати само редовите на СДСМ или ќе се прошири и на другите коалициски партнери, пред сѐ, на ДУИ. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи побара од премиерот Зоран Заев да не го користи зборот „метла“ во јавните настапи затоа што тоа било компромитирачки за другите.

415

 

„Да се вратам во образование нема, не сум Никола Тодоров да ги шетам сите ресори. Мојот пат е одење напред, а не враќање назад. Може да се вратам само на Правниот факултет, а не во образование“, изјави министерката за правда Рената Дескоска и ги отфрли информациите дека по најавената „метла“ од страна на премиерот Зоран Заев, таа може да се врати во Министерството за образование, а на нејзино место да дојде кадар на ДУИ.

Како што неофицијално се зборува, овие две министерства ќе се трампаат што пак е дел од намерата на премиерот Зоран Заев за „метла“ на функционерите кои ги назначил, а кои не покажале забележителни резултати. Неофицијално, на списокот се повеќе од 15 звучни имиња на високи позиции на партијата, од владата и од јавните функции, меѓу кои партискиот генерален секретар Александар Кирацовски, советничката на премиерот Цветанка Ласкова, а првите министри што ќе добијат „корпа„ се Венко Филипче и вицепремиерот Кочо Анѓушев. На стаклени нозе се и фотелјите на заменици министри, директори и раководители кои ќе бидат сменети поради немање резултати во нивната работа.

Најавената реконструкција ги инспирираше помалите коалициони партнери на СДСМ кои бараат да застанат на чело во некое министерство. Од Партијата за целосна еманципација на Ромите на пратеникот Самка Ибраимоски го бараат Министерството за труд и социјална политика. Ова го објави и самиот Ибраимовски кој на социјалните мрежи напиша дека имаат и адекватен кадар кој би работел со цел да им помогнеме прво на сиромашните граѓани, затоа што, како што потенцира, сиромаштијата не познава етникум, религиска ниту било каква припадност.

Ако се вистинити шпекулациите, висат и двете клучни функции во Министерството за надворешни работи – министерот Никола Димитров за кого се шпекулира дека пред метлата, самиот ќе си замине во Америка, но и неговиот заменик Андреј Жерновски, бидејќи СДСМ ќе мора да се откаже од едно од местата кои ги има во моментов. На овие шпекулации, Никола Димитров преку социјалните мрежи одговори пишувајќи „Гладна кокошка, просо сонува…“

Она што се чини невозможно е шпекулацијата на премиерот Заев за смена на градоначалници и пратеници, меѓу нив скопскиот градоначалник Петре Шилегов и неговите колеги од општините Аеродром и Гази Баба. Имено, тоа се функции кои се дадени директно на избори, исто како и пратениците за кои граѓаните го дале својот глас. Но, наши извори тврдат дека можно е сите планирани функционери и самите да си заминат, под притисок на јавноста. Првото име кое се зборува дека ќе го фати „метла„ во парламентот е Мира Стојчевска за која се врзуваат безброј афери, а реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата за повеќе случаи за вработување на блиски роднини во државни институции.

На првиот ден по претседателските избори, прв вратата за метла ја отвори министерот за култура Асаф Адеми кој поднесе оставка на функцијата, но од здравствени причини.

Останува и прашањето дали „метлата“ ќе ги опфати само редовите на СДСМ или ќе се прошири и на другите коалициски партнери, пред сѐ, на ДУИ. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи побара од премиерот Зоран Заев да не го користи зборот „метла“ во јавните настапи затоа што тоа било компромитирачки за другите.

– Тоа претставува понижување и навреда не само за претставниците на ДУИ, туку и за другите партнери на коалиционата влада. Неприфатливо е да се користи таков термин, дури и кога станува збор за промени во државните функции – рече Османи. Тој за наредните денови најави средба на Заев со Али Ахмети на која освен за актуелните политички состојби и резултатите од претседателските избори, ќе се утврдува кој треба да замине, а кој ќе менува ресор.