Министерот за култура Асаф Адеми поднесе оставка од функцијата. Одлуката ја соопшти вчера на прес-конференција во партиското седиште на „Алтернатива“ во Скопје. Оставката, како што наведе, ја поднесува поради здравствени причини и во консултации со партискиот лидер Африм Гаши.

„На последниот состанок што се одржа на Централното претседателство на 22 април 2019, побарав од претседателот и од Централното претседателство на партијата да ми дозволат да се повлечам од функцијата министер за култура. По моите објаснувања поврзани со здравствени причини, моето барање беше прифатено, но за да не влијаеме на изборниот процес на претседателските избори одлучивме тоа да го објавиме по завршувањето на процесот “, рече Адеми истакнувајќи дека јавноста е таа која треба да ја оцени неговата работа.

На новинарско прашање, која партија би го презела Министерството за култура, Адеми со одговор дека партијата Алтернатива останува во игра за ова министерство.

„Сепак, во наредните денови повторно ќе има средба Заев-Гаши за да се одлучи како понатаму“, рече Адеми.

Прашан дали е дел од метлата која ја најавува премиерот тој одговори „Јас пред две или три недели ставив една метла на мојата лична фејсбук-страница, и во потполност го поддржувам премиерот Заев за чистката која ја најавува.

Адеми кој е магистер по градежништво дојде како кадар на скопското крило на Беса, односно сегашната Алтернатива, бидејќи претседателот Африм Гаши стана коалициски партнер во владата на Зоран Заев. Функцијата министер за култура ја извршуваше од јуни минатата година, кога го наследи Роберт Алаѓозовски.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека ја очекувал оставката од Асаф Адеми. „Тој ја најавуваше оставката повеќе од шест месеци. Сакаше да ја поднесе оставката уште пред Програмата за култура, но знаете дека имаше дилема дали ќе се оди на претседателски заедно со парламентарни избори, па потоа се одлучивме на претседателски. Молбата од мене како мандатор и премиер беше да се почека, да поминат изборите“, изјави Заев во Владата. Тој додаде дека има разбирање за здравствената состојба на Адеми и изрази благодарност до Асаф Адеми за неговиот ангажман во културата. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тој лично размислува за новиот министер за култура и додаде оти се уште не е подготвен да соопштува имиња.

Премиерот Зоран Заев  потврди дека по завршувањето на претседателските избори ќе има промени за да се отстранат слабостите во извршната власт, почнувајќи од Владата, заменици-министри, државни секретари, по вертикала во државните институции, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, но и во СДСМ.

– Ќе почнам да правам анализи, секако во одредени консултации со првите соработници поради тоа што гајретот и грижата првенствено е моја. Знаете дека мора да бидат затворени изборите, со официјално прогласување од Државната изборна комисија со самиот извештај за да ги почнеме таквите постапки. Јас сум надлежен во извршната власт, овде ќе има промени, изјави Заев во Владата, одговарајќи на новинарско прашање за најавената „Метла“ по изборите.

Најави дека истовремено ќе прави промени и на другото место каде што е надлежен како претседател на СДСМ.

– Имаме намера и овде да направиме одредени промени, со одредени носители на функции, на локално и на централно ниво, сето заедно. Имам намера затоа што партијата добила одговорност низ органи и тела на политичката партија, но и низ органи и тела на државата, како што постојат, пред сè Парламентот, кој ја избира Владата и владините претставници, во еден најбрз период да се направат промените заради тоа што време е за работа. Државата има претседател, ветер во грб и во нашите сидра добивме сите и она што мора да го направиме е промена на одредени раководни структури, одредени функционери кои покажаа слабост, рече Заев.

Додаде дека на нивно место ќе има нови кадри кои ќе треба да извлечат поука, да не ги повторат истите грешки како претходните и истовремено да покажат уште поголем резултат од претходните.

Од метлата ќе бидат фатени и оние кои земаат плата, а не одат на работа, најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Во однос на неговата работа рече дека можел подобро да ја извршува, но оти граѓаните го имаат последниот збор, а одлуката на Заев ќе ја почитува и ако треба ќе ја напушти министерската фотелја.