„МЕТАЛУРЗИТЕ“ НА ПЕНАЛИ ГО СОВЛАДАА ФАВОРИТОТ ВАРДАР СО 33:32 И ГО ОСВОИЈА СВОЈОТ ШЕСТИ КУП ПЕХАР, ПРВ ОД 2013 ГОДИНА

Тимот на Металург е сензационален победник во ракометниот Куп на Македонија, откако во финалето на завршниот турнир во Куманово на пенали славеше над Вардар со 33:32. Во регуларниот дел натпреварот заврши нерешено 29:29.

Вардар и Металург уште еднаш приредија  вистинско ракометно дерби. „Црвено-црните“ се одлепија резултатски во првиот дел, но во второто полувреме борбата на теренот беше рамноправна. Металург успеа да ја анулира негативата, а имаше   и шанса дури и да победи во регуларниот дел, но Шпенде не ја затресе мрежата на противникот. Победникот го даде пенал-рулетот, во кој херој беше Даниел Дупјачанец.

-Морам да кажам дека Металург повеќе го посакуваше трофејот од нас. Ние бевме добри само во првиот дел од натпреварот, но во второто полувреме не бевме со главите во мечот. Знаеме дека не бевме добри, знаеме што треба сега да направиме да се поправиме. Металург е млад тим и повеќе ја заслужи и ја сакаше оваа победа од нас, изјави тренерот на „црвено-црните“ Роберто Гарсија  Парондо.

Македонскиот шампион  прв пат загуби титула по долго време, а во Купот пропушти можност да дојде до 14. титула во својата историја. Но сето ова ќе биде заборавено доколку се вратат со титулата од Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во Келн, на почетокот од наредниот месец. За Металург, пак ова  беше шести трофеј во Купот на Македонија, прв по 2013 година.

-Вардар не го потцени Металург туку влезе со доза на резерва затоа што ги чека Ф4 во Лигата на шампионите. Ние имавме контрола на натпреварот и желбата за победа, ни се отворија картите и го зграпчивме триумфот, изјави тренерот на „металурзите“ Оливер  Димитриоски.

Најдобар стрелец на финалето од Купот беше Шпенде со осум гола, Токиќ додаде шест, а Јагуриновски и Танкоски постигнаа по четири гола, додека кај Вардар, Чупиќ даде седум гола, а Поповски заврши со три.

Во женска конкуренција пехарот го освои тимот на Куманово, откако во финалето беше поуспешен од ЖРК Вардар со 24:22.