Место каде оживува страста: Кабарето „Мулен руж“ слави 130 години

168
Foto: moulinrougeofficiel Instagram

„Мулен руж“, кабарето во срцето на Париз, познат по кан-кан танчерките и костимите од ноеви перја, денеска одбележува 130 години откако за првпат ги отвори вратите за посетителите.

Главниот настан на репертоарот на Мулен руж сега е „Фери шоу“, во кое учествуваат 60 изведувачи од 14 земји. Сепак, зад сцената се одвива една сосема друга кореографија, која не може да ја видат 600.000 гости кои ја гледаат претставата секоја година. Тоа е софистицирана машинерија за промена на костими и сценографија, неопходна за претставата.

https://www.instagram.com/p/B3KQx1zIIev/?utm_source=ig_web_copy_link

– Целиот тим, вклучително танчари, асистенти и техничари, мора да биде многу организиран. Поради мала грешка или доцнење може да го пропуштите излегувањето на сцена. Мора секогаш да бидете на вистинското место во вистинското време, вели Клодин ван дер Берг, 27-годишна танчарка од Ирска, која настапува во Мулен руж веќе седум години.

На секоја изведба се претпоставува дека танчарите носат илјада костими, од кои секој е сошиен во кројачниците што со децении работат за „Мулен руж“. Секој танчар за време на настапот менува од 10 до 15 костими, за што има 90 секунди.

Претставите во Мулен руж се продолжение на традицијата што започна со отворањето на кабарето на 6 октомври 1889 година, кога жените, кои преку ден заработувале перејќи алишта, навечер се претвораа во танчарки.

Критичарите веруваат дека одредени аспекти од претставите во „Мулен руж“, особено затоа што танчарките настапуваат топлес или во проѕирни костими, претставуваат сексистичко сфаќање на жената како објект, што е спротивно на модерните трендови.

За време на одбележувањето на 125-годишнината на Мулен руж во 2014 година, сите активистки од феминистичката група „Фемен“ се качија на покривот на кабарето и извикаа дека телото на жената не треба да биде на продажба.

Мулен руж се наоѓа на Монмартр, познатиот боемски дел на Париз, а на покривот има голема имитација на црвена ветерница, што е и значењето на името на кабарето.

Во ентериерот и денес преовладува ретро-декор од 19 век, давајќи му на локалот боемски изглед. Многу познати уметници како Жозефина Бејкер, Френк Синатра и Едит Пјаф настапувале во „Мулен руж“.

Сцени од Мулен руж беа овековечени на платната на постимпресионистичкиот сликар Анри де Тулуз-Лотрек, кој бил чест гостин во кабарето.