Местенка за австрискиот вицеканцелар Штрахе: Барал мито за бизнис услуги

127

Австрија ја потресува политички скандал откако синоќа беше објавена видео снимка на која се гледа како австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе за бизнис услуга бара финансиски надомест од девојка која се претставува дека е внука на руски олигарх.

На снимката, направена на 24 јули 2017 година на шпанскиот остров Ибица, се појавуваат Штрахе, кој е лидер на екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) и неговиот партискиот потпретседател Јохан Гуденус, како разговараат со наводната внука на рускиот олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.

Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар“, го објави германскиот магазин „Шпигел“, чии новинари во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг“, му го наместиле целиот случај на Штрахе.

Штрахе, лежерно на Ибица

Наводната внука на олигархот вели дека сака да инвестира 250 милиони евра во Австрија и тоа не преку банка и по легален пат, при што во неколку наврати напоменува дека станува збор за „илегални пари“.

Штрахе и Гуденус и ветуваат дека ќе и помогнат во инвестирањето, доколку финансиски ја поддржи нивната ФПО. Снимката е направена во пресрет на ланските парламентарни избори во Австрија.

Австрискиот вицеканцелар дури и објаснува на девојката дека парите не треба директно да и ги даде на партијата, туку преку едно здружение, напомнувајќи дека истото го правеле и други партиски поддржувачи, споменувајќи ги тука сопственикот на компанијата „Глок“, Гастон Глок, фирмата „Новоматик“ и олигархот Рене Бенко. Споменатите во меѓу време ги демантираа тврдењата на Штрахе.

Видеото доаѓа на една недела пред изборите за Европскиот парламент, што може да и нанесе сериозна штета на ФПО, кој по ланските парламентарни избори стана помал владин партнер на конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на канцеларот Себастијан Курц.

Покрај ова, Штрахе и Гуденус може да имаат и правни последици и да се соочат со обвиненија.

Но, од скандалот полза може да има канцеларот Курц, кој би можел да ја раскине коалицијата со ФПО и да распише предвремени парламентарни избори, на кои постои голема веројатност неговата Народна партија да обезбеди мнозинство во Парламентот и самостојно да формира Влада.