Меси ја напушта Барселона, а за се е крив Бартомеу

456

„Кадена СЕР“, најслушаната радио станица во Шпанија, предизвика фудбалски „земјотрес“ со информацијата дека Лионел Меси ги прекинал преговорите околу новиот договор со Барселона и дека планира да си замине од „Ноу Камп“ на крајот од следната сезона.

Аргентинскиот интернационалец има договор со каталонскиот гигант до 30. јуни 2021 година и според приказната на „Кадена СЕР“, симболот на Барселона, најдобриот стренел и играч во клупската историја би требало да стави крај на 20-годишниот престој на „Ноу Камп“, неколку дена подоцна откако ќе го прослави својот 34. роденден.

  • Меси е огорчен од ситуацијата во клубот и тоа на секакво можно ниво и затоа донесе одлука да стави крај на преговорите околу продолжувањето на соработката. Меси планира да одигра уште една сезона, колку што му трае договорот со Барселона и потоа да си замине, беше објавено во полноќната емисија „Ларгуеро“.

За само неколку минути, таквата сензационална информација стана главна тема на сите друштвени мрежи и во шпанските медиуми.

  • Преговорите околу продолжувањето на соработката со Меси почнаа многу добро, затоа што двете страни имаа слични ставови, но најновите случувања и радикалното влошување на ситуацијата во Барселона го принудија Меси да ги прекине преговорите. Меси е огорчен од фактот дека има постојан проток на информации кои треба да бидат клупска тајна, но и од фактот дека постојано е посочуван како одговорен кој треба да најде решение за работи со кои нема ништо,  информира „Кадена СЕР“.

Проблемите во Барса се многу големи, а клубот веќе со месеци не може да најде решение за големата криза која моментално кулминира со очајните резултати кои најверојатно ќе се покажат како клучни за загубената титула во Примера дивизион.

Истите медиуми потенцираат дека Меси веќе подолг период не се „мириса“ со клупскиот претседател Жозеп Марија Бартомеу. Тоа е така откако беше откриено дека Барса има ангажирано ПР компанија за да во јавноста пласира текстови во кои се фали работата на Бартомеу, но истовремено и да се напаѓаат тимските лидери, Лионел Меси и Жерар Пике. Најверните фанови на актуелниот шампион на Шпанија веднаш побараа официјален одговор од клупските челници околу информацијата дека Меси ги прекинал преговорите, но од таборот на каталонскиот гигант беше одговорено дека нема никаква официјална информација дека Аргентинецот не сака да продолжи со преговорите околу новиот договор.

„Мундо Депортиво“ пишува дека Барса на Меси му нуди договор „1+1“, а тоа значи автоматско продолжување на актуелниот договор до 2022 година. Сепак, во оваа тешка ситуација, најверните фанови ги храбри фактот дека следното лето завршува мандатот на омразениот претседател Бартомеу и дека Меси ќе остане на „Ноу Камп“ доколку првиот човек на клубот повторно не биде избран за претседател.