Меси сака веднаш да си замине од Барселона

130

Угледниот бразилски новинар, Марсело Бечлер, предизвика фудбалски „земјотрес“ откако ја пласираше и информацијата дека Лионел Меси донел одлука да ги напушти редовите на каталонскиот гигант Барселона веќе ова лето.

Аргентинскиот интернационалец останал без зборови после срамниот пораз (8:2) од Баерн (М) во 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони, но елиминацијата е само еден од многу проблеми кои Меси ги има на „Ноу Камп“.

Веќе подолг период капитенот на Барса е во војна со клупските челници, пред се со спортскиот директор Ерик Абидал и со претседателот Жозеп Марија Бартомеу. Најдобриот фудбалер на денешницата веќе се има закането дека веднаш ќе си замине од „Ноу Камп“ доколку Бартомеу повторно биде избран за претседател на Барселона.

Меси од претходно е лут затоа што клупските челници не успеаа во намерата повторно да ги осигураат услугите на бразилскиот интернационалец Неимар, а наместо него за 120 мил. евра го обезбедија потписот на францускиот интернационалец Антоан Гризман.

Шпанските медиуми сметаат дека Меси има на располагање само две опции – да си замине кај Пеп Гвардиола во Манчестер Сити или да ги следи стапките на Кристијано Роналдо и да се пресели во италијанската Серија А. Во тој случај, Аргентинецот ќе го облече дресот на Интер, а италијанските медиуми открија дека сопственици на Интер веќе му понудиле договор според кој Меси може да си обезбеди рекордна годишна плата од 54 мил. евра.

И покрај трансфер бомбата на бразилскиот новинар, каталонските медиуми се убедни дека Меси е еден од тројцата фудбалери кои нема да бидат ставени на трансфер листата. Барселона во следните неколку часа ќе стави крај на соработката со Кике Сетиен и ќе потврди дека освен Меси, Тер-Штеген и Ленгле, сите останати фудбалери се на продажба.