Меси и Роналдо одбија неморална понуда

100

Најголемата ѕвезда во дресот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, Кристијано Роналдо, ја одби понудата да го промовира туризмот во Саудиска Арабија. Англискиот таблоид „Телеграф“ откри дека таквата понуда била испратена од членовите на една од најбогатите фамилии во Саудиска Арабија.

На португалскиот интернационалец му била понудена годишна плата од 6 мил. евра само да сними неколку реклами, но и да ја посети земјата. Саудициите веќе подолг временски период бараат начин со кој ќе го поправат својот имиџ, а како главна алатка за реализација на тој план ја гледаат фудбалската игра. Тие се подготвени да вложат голема парична сума, а пред една година беа домаќини и на шпанскиот Суперкуп.

Тоа беше фудбалски спектакл кој до тогаш не беше виден во Саудиска Арабија, а богатите фамилии кои го имаат главниот збор во земјата сакаат редовно на своите стадиони да ги гледаат најголемите фудбалски ѕвезди.

Идентична понуда била испратена и до капитенот на каталонскиот гигант Барселона, Лионел Меси, но неговите преставници, идентично како и тие на Кристијано Роналдо, експресно го одбиле предлогот со образложение дека Аргентинецот не сака да има ништо со една земја која има толку лоша репутација.

„Телеграф“ додава дека најбогатите фамилии во Саудиска Арабаија сега ќе побараат ново големо фудбалски име, кое ќе биде расположено да оствари соработка со нив. Прв на тој список најверојатно е најскапиот играч во фудбалската историја и најголема ѕвезда во дресот на актуелниот шампион на Франција, Неимар.

За разлика од Меси и Роналдо, бразилскиот интернационалец е познат како фудбалер кој нема проблем и кој не поставува невозможни услови доколку добие понуда која е зачинета со голем број на пари.