Лионел Меси летово се пресели од Барселона, каде ја помина целата кариера, во супербогатиот ПСЖ. Еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот потпиша договор до 2023 година со опција соработката да продолжи уште една сезона, а француски „Л‘Екип“ овој пат ги откри деталите од договорот.

Меси имал многу добра причина да дојде во ПСЖ. Парискиот тим за него ќе издвојува околу 60 милиони евра годишно само за плата, бидејќи нето износот изнесува 30 милиони, а „светците“ треба да платат 45 проценти данок на доход и уште четири проценти данок за екстремно високи плати.

Покрај нето платата од 30 милиони евра, Меси годишно ќе заработува бонус за лојалност што изнесува дополнителни 10 милиони евра нето за сезоните 2023 и 2024 година доколку остане во клубот. Доколку Аргентинецот остане во Париз до истекот на договорот, ќе заработи најмалку 110 милиони евра. Ова не вклучува бонуси за освојување на Купот, шампионатот и Лигата на шампионите, а има една интересна работа во договорот.

ПСЖ ќе му плати еден милион во форма на криптовалута, „фан токени“ на ПСЖ, што всушност е валута на клубот со која навивачите можат да купуваат и да учествуваат во разни клупски активности. Токенот на ПСЖ вредеше 40 евра пред доаѓањето на Меси, а сега вреди околу 25 евра.

И покрај падот од 40 проценти, експертите предвидуваат дека овој токен значително ќе расте со текот на годините, така што Меси би можел да заработи многу добро, со оглед на тоа што тој ќе поседува една третина од сите токени за навивачите издадени од ПСЖ. Тој потенцијално може да заработи милијарди само со токени.