Шесткратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, добил понуда од екипата на Мерцедес за продолжување на соработката, пишува италијанскиот весник „Газета дело спорт“.

Договорот на Хамилтон со Мерцедес му истекува на крајот од оваа година, па затоа германскиот тим сака уште од сега да ги осигури услугите на Британецот, кој важи за еден од најдобрите пилоти на денешницата.

Според пишувањата на реномираниот италијански весник, Мерцедес му понудил на Хамилтон нов двегодишен договор, до крајот на 2022 година, а заедно со бонусите, Британецот би заработувал по 50 милиони долари годишно, колку што има и сега. Претходно беше објавено дека Ферари е заинтересиран за него, но судејќи според моменталната ситуација, овој трансфер нема да се случи.

Инаку, Хамилтон вози за Мерцедес од почетокот на кариерата, поточно од 2007 година, кога возеше за Мекларен Мерцедес. Тој во својата 12 годишна кариера, дури шест пати беше шампион во Формула 1, во 2008, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019 година.

Што се однесува до останатите тимови, нови договори потпишаа Макс Верстапен во Ред Бул (до 2023 година), како и Шарл Леклер во Ферари (до 2024 година). Од друга, ниту клупскиот колега на Хамилтон, Валтери Ботас, нема потпишано нов договор со тимот на Мерцедес.

  • После оваа сезона, се ќе биде прилично отворено, бидејќи од 2021 година на сила стапуваат нови прописи. Ферари и Ред Бул осигурија по еден од своите пилоти за да не им дојде некое непријатно изненадување во наредниот период, истакна Ботас, кој е помалку загрижен за случувањата во Мерцедес.