Нема целосно функционални мерни станици во државава кои што ќе дадат комплетна слика каков состав е воздухот што го дишеме. Во некои мерни станици од осумте инструменти коишто поединечно ги покажуваат вредностите на најопасните честички што ги вдишуваме, функционираат еден или два, и тие де факто се неупотребливи.

Од граѓанската Организација за заштита на животната средина О2 иницијатива, велат дека државата е соочена со пропаст на системот кој го мери амбиенталниот воздух.

– Во Скопје, едвај мерните станици во Центар и Ректорат даваат информации. Клучните станици во Лисиче и Гази Баба не функционираат од минатото лето и тоа симптоматично, веднаш по редовното годишно калибрирање и покажувањето на енормни вредности на загадување. Од пред некоја недела, во друштвото се приклучи и мерната станица во Карпош, комплетен колапс. Со месеци не функционираат Битола 2, Тетово, Кавадарци, Кичево, а Велес од минатото лето. Комплетен колапс на мерните станици и состојба за која не паметиме дека некогаш била полоша – велат од О2 иницијатива.

Азотните оксиди коишто треба да го прикажат загадувањето од сообраќајот, не се мерат на главните станици поставени за таа цела. Моментално ги мерат само Лисиче и Гази Баба.

– Нов инструмент се постави во декември во Гази Баба, ама не и во Центар и Ректорат каде сообраќајот е цел на мерењето и каде имаме недозволива празнина на податоци со години и тоа најмалку три во Центар и една година кај Ректорат – потенцираат од О2.

Слично е и со мерењето на озон и сулфурниот диоксид. Најопасните ПМ2,5 честички се мерат само во Центар и никаде на друго место.

Во Планот за чист воздух што го донесе Владата е ветено дека сите мерни инструменти во мониторинг станиците ќе бидат заменати. Беа најавени 2,5 милиони евра од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – СИДА за поправка и обнова на мерните инструменти, но нема никакво поместување.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) признаваат дека некои мерни инструменти се во дефект и се чекаат резервни делови за нив.

– Се чека бидејќи тие инструменти се стари околу 15 години и треба да се реобноват. Проблемот е во тоа што инструментот за мерење на ПМ10 честичките не се произведува веќе 10 години, а треба да се направи реобнова со нови инструменти – истакнаа од МЖСПП.

Од таму објаснија дека мерните станици мерат повеќе параметри и се врзани во еден систем.

– За да може да проработи мерната станица, на пример инструментот за мерење на ПМ10 честичките мора да биде компатибилен со целиот систем на соодветната мерна станица, затоа и се чека да се наби соодветен инструмент – децидни се од министерството.

Тие ги негираат обвинувањата од О2 иницијатива дека е симптоматично тоа што мерните станици во Лисиче и Гази Баба не функционираат од минатото лето и тоа веднаш по годишното калибрирање и покажување на енормни вредности на загадување.

– Ништо не симптоматично, само чекаме да набавиме соодветни инструменти – тврдат од МЖСПП.

Од министерството информираат дека минатата година имало донаторска конференција за да се обезбедат средства и за нови мерни станици.

– Треба да се набават нови мерни станици. Тоа ќе биде најверојатно наредната година. А колку мерни станици ќе се набават зависи од тоа колку средства ќе се обезбедат – велат од министерството.

Од О2 иницијативата реплицираат дека чекањето на резервни делови не е оправдување.

– Што се однесува до чекањето на резервните делови, пеш да ги носеа, до сега два пати ќе ја обиколеа Земјината топка. Ги прашуваме надлежните: дали на овој начин планираат да стигнат до „почист воздух“ во сумираните резултати на крајот од годината? За среќа постојат аматерските мерни станици и мрежата на pulse.eco со кои некако сме во можност да ги следиме состојбите. Знаеме дека тие предизвикуваат голема болка во душата на надлежните, но екстремните услови во кои нè принудуваат да живееме, подразбираат и екстремни начини за добивање и споделување на информациите од кои сме лишени – додаваат од О2.

Република Македонија за жал, според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за аерозагадувањето, во Европа е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу 10-те најзагадени градови во Европа во 2017 година. Според најновите анализи на Светската Здравствена Организација (СЗО), аерозагадувањето е главниот причинител на над 1.300 смртни случаи годишно, и зголемен број на лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2,5 проценти од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно.

(С.Бл. – А.П.)