Мерките за помош на туризмот се задоцнети, популистички, и нема да им помогнат на најпогодените

Голем дел од туристичките работници сметаат мерките се популистички и дека ќе им помогнат само на малите туристички агенции, но не и на оние кои имаат поголем број вработени и кој вложуваат во туризмот. Од СКТМ сметаат дека помошта од државата треба да биде во согласност со платениот данок, во 2019 година, а не според остварениот обрт на средства од 3 до 7 илјади евра

67

Мерките за поддршка на туристичкиот сектор се задоцнети, популистички, и нема да им помогнат на тие што инвестираат во туризмот. И покрај тоа што 90 отсто од овие мерки се барања на Стопанската комора за туризам на Македонија, оттаму коментираат дека условите за добивање на мерките не се во согласност со барањата. Голем дел од агенциите нема да можат да ги остварат условите за добивање на помош од Владата.
Претседателот на СКТМ, Емил Димитровски, смета дека мерките се популистички и дека ќе им помогнат само на малите туристички агенции, но не и на оние кои имаат поголем број вработени и кој вложуваат во туризмот.
-Ние баравме состојбата на вработени да биде во моментот на носење на одлуката, а не на 31 јули. Дел од вработените во туристичките агенции поради финансиската состојба беа отпуштени, а дел сами си дадоа отказ, бидејќи не сакаат да работат за 14.500 денари. Поради тоа овие мерки се задоцнети за големите туристичките агенции и затоа сметаме дека условите кои се бараат не се коректни и се на штета на оние кој најмногу придонесуваат во туризмот, вели за весникот ВЕЧЕР, Димитровски.
Тој додава дека помош ќе добијат само туристички агенции кои имаат мал број вработени, а оние кој имаат многу вработени, ќе бидат изземени од помошта.
-Така, на пример, туристичка агенција која има 20 вработени ако отпуштила двајца вработени нема да добие помош, а туристичка агенција само со двајца вработени ќе добие помош. Од друга страна во големите туристички агенции голем дел од вработените сами си дадоа отказ, бидејќи не гледаа перспектива во туризмот, објаснува претседателот на СКТМ и додава дека при носење на мерките за помош на туризмот треба да се следат светските трендови и препораките од Светската туристичка организација.
Што се однесува до мерката поврат на туристичка такса за 2019 година од Комората велат дека ова е барање уште од април годинава, а мерката е наменета за помош на хотелите.
Од СКТМ сметаат дека помошта од државата треба да биде согласно платениот данок во 2019 година, односно кој колку платил данок толку да добие помош од државата, а не според остварениот обрт на средства од 3 до 7 илјади евра. И покрај тоа што ова беше една од опциите од Комората, сепак оттаму сметаат дека пореално е грантовите од државата да ги добиваат според платениот данок во 2019 година.
Биљана Пејоска-Ристеска од СКТМ вели дека голем дел од барањата на Комората се прифатени и вклучени во четвртиот пакет-мерки, но сè уште не се знае дали и колкав дел од нив ќе се реализираат.
-Барањата од наша страна беа реални и мерките за помош од Владата треба да му помогнат на туристичкиот сектор. Но, не знаеме како ќе се одвива состојбата со ковид-19. Очекувањата се дека границите со ЕУ ќе се отворат од почетокот на 2021 година и туристичките агенции ќе почнат да работат и да остваруваат приход, вели Пејоска-Ристеска.
Од СКТМ додаваат дека се задоволни од мерката за продолжување на грејс-периодот кај бескаматните кредити од ковид-1.

(А.С.)