Меркел ја отвора вратата на ЕУ за Западен Балкан, Харадинај подготвен да влезе!

108

Статусот на реформите, преговорите за идниот статус на СЈО кои се во тек, како и случајот „Рекет“, беа теми на разговор на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Копенхаген. Тие се сретнаа  со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод, како и со Вибеке Пастернак Јоргенсен, главна советничка за европски прашања на премиерката Мете Фредериксен остварени во рамки на нивната работна посета на Данска.

Османи и Димитров реферирале за политичките актуелности во земјата, за постигнатиот напредок во клучните реформски области, во создавањето на добрососедските односи, но и во зацврстувањето на внатрешната стабилност, како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври, оваа година.

– Потврдувањето на успехот на нашата приказна, со сите предизвици, но и демонстрирана упорност за нивно надминување ќе претставува заслужено подавање на рака за почеток на продлабоченото европско патување, но и валидација за европската перспектива на регионот, истакна Димитров.

Во слична насока вицепремиерот Османи посочи дека Владата е во целост фокусирана на подготовката и создавањето услови за успешен старт на преговорите.

– Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области и натаму останува приоритет на Владата, и во периодот кој претстои, преземаме обврска да испорачаме дополнителни резултати, со кои ќе ја потврдиме нашата подготвеност за почеток на преговорите оваа година, потенцираше Османи.

Османи и Димитров, се посочува, се осврнаа и на последните актуелности поврзани со случајот „Рекет“, пренесувајќи го ставот на Владата за безусловна поддршка на истражните и правосудните органи во насока на целосно, непристрасно, ефикасно и транспарентно расчистување со овој случај, без разлика кон кого ќе води, задржувајќи го со тоа и успехот од досега постигнатиот напредок во оваа област.

Во истиот контекст, Османи и Димитров потсетија дека преговорите за идниот статус на СЈО се водат активно меѓу парламентарните партии и изразија очекување дека и оваа реформа навремено ќе биде завршена, со цел квалитетно заокружување на институционалната поставеност на земјата за борба против организираниот криминал и корупција, соопштија од МНР.

Германската канцеларка Ангела Меркел пак од Унгарија, порача дека Европа ќе биде вистински обединета само кога и земјите од Западен Балкан ќе станат членки на ЕУ. Изјавата на германската канцеларка, како што пренесува европското издание на порталот Политико, претставува уште една потврда на посветеноста на Берлин за проширувањето на Европската Унија, што е непопуларна идеја меѓу некои членки на ЕУ и многумина избирачи во Западна Европа.

Канцеларката, меѓутоа, нагласи дека европското единство нема да биде заокружено додека целиот Западен Балкан не и се приклучи на Унијата.

-Доколку ги гледате работите геостратешки, исто така, треба да ја погледнете мапата и ќе видите дека Европа ќе биде вистински обединета само со државите од Западен Балкан, рече Меркел пред новинарите во унгарскиот град Џопрон, пренесе Гласот на Америка.

Веднаш по изјавата на германската канцеларка се јави косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај, кој преку својот „Твитер“, покрај фотографија со Меркел од нивната средба во Берлин, порача дека „ЕУ ќе биде посилна“ со интегрирањето на шесте земји од регионот.  „Косово е подготвено“, напиша Харадинај.