Меркел се јави – очекува датум за Македонија во мај

Скопје и Тирана повторно добија поддршка од Берлин. Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека двете земји треба да добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ на Самитот во Загреб во мај, а потоа во преговорите одделно двете земји да се оценуваат според постигнувањата. Меркел ја издвојува Македонија дека направила “неверојатен скок” со решавањето на спорот за името

88

Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат преговорите со ЕУ, но на тој пат двете земји можат да се движат по различни шини во зависност од успесите, порача германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. Скопје и Тирана повторно добија поддршка од Берлин. Меркел смета дека двете земји кандидати не треба да се одвојуваат, но дека би можеле да одат по одвоени патишта откако ќе ги започнат преговорите.

-Во случајот на Северна Македонија, со решавањето на спорот за името беше направен неверојатен скок затоа што тоа прашање беше причина за блокада. Сметам дека Албанија и Северна Македонија припаѓаат кон истата група. Ги имаме Србија и Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, и конечно ги имаме Босна и Херцеговина и Косово – каде имаме една поинаква ситуација. Затоа сметам дека доколку сме фер, двете земји треба да започнат преговори, но притоа да следат различни патеки, затоа што секој треба да биде оценуван според сопствените успеси, порача Меркел од Берлин.

Германската канцеларка признава дека на Самитот на ЕУ во декември не успеале да постигнат договор со Франција за повторно отворање на прашањето за почетокот на преговорите, но се надева дека тоа ќе се случи на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб.

-Самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Загреб е многу важна работа поради проблемите со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Се надеваме дека на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан ќе се постигне напредок на тоа поле. Германија е подготвена на тоа. Тоа му го кажавме и на претседавачот. Сакаме заеднички да го исполниме тоа, посочи Меркел по средбата со Пленковиќ.

И хрватскиот премиер изрази оптимизам за Самитот на ЕУ што ќе се одржи на 5 и 6 мај.

– Овој Самит ќе даде реална перспектива во односите на ЕУ со земјите во соседството, за да знаеме со каква динамика овие земји се движат кон членството, рече Пленковиќ, кој изминатиот период имаше серија охрабрувачки изјави во однос на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со земјава.

Меркел и Пленковиќ разговараа и за координација со претседавањето со ЕУ и ја потврдија желбата заеднички да работат на решавање на проблемите.

Германија е земјата што ќе биде на кормилото на ЕУ во втората половина од 2020 година, откако на 1 јули ќе го преземе претседавањето од Хрватска. Токму Германија, заедно со Франција е главен двигател на политиките и случувањата во Европа. Поддршката од Берлин што ја демонстрираше германската канцеларка Ангела Меркел пред неславниот Самит за Македонија е дополнителен показател дека земјава може да се надева на поуспешна 2020 година во однос на евроинтеграциите, откако во годината во заминување не беше крунисана со очекуваните резултати, особено по историските договори што претходно ги постигнавме со соседните Грција и Бугарија.  

Германската канцеларка Ангела Меркел и пред октомври беше најголем поборник за проширувањето и во неколку наврати се обиде да го убеди Макрон да го дозволи тој процес.

Францускиот претседател Емануел Макрон во октомври на европскиот Самит во Брисел го блокираше почетокот на преговорите на Европската Унија со Македонија и со Албанија. Неколку недели подоцна, Макрон излезе со помек став во однос на ова прашање, но под силен услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, а во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.