Меркел: Подготвени сме да разговараме за методологијата на преговорите со ЕУ

63

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Загреб изјави дека нејзината земја е подготвена да разговара за тоа што би можело да се промени во методологијата за преговори во процесот на проширување на ЕУ.

На прашањето што ќе се случи следно во процесот на пристапување на Албанија и Република Северна Македонија во Европската унија, како и кога Хрватска би можела да влезе во Шенген, Меркел рече дека „не може да се случи да нема ЕУ перспектива за тие земји”.

– Тоа не би било добро, рече Меркел, која за време на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, изрази и жалење што преговорите со Албанија и Република Северна Македонија не беа отворени за време на последниот состанок на Советот на ЕУ.

Во врска со влезот на Хрватска во Шенген, таа рече дека за тоа мора да се дискутира на ниво на сите земји-членки.

Хрватскиот премиер повтори дека не е реално во Европскиот совет да се одлучува за влез на Хрватска во Шенген во време кога земјата го има претседателството со ЕУ, но наведе дека за тоа сигурно ќе се расправа.

– Што се однесува на Албанија и Северна Македонија, ние ќе дадеме се од себе нивниот процес на приближување кон ЕУ да оди понатаму, рече Пленковиќ.

Пленковиќ додаде дека за Хрватска е важно да најде решение за отворање на пристапните преговори со Албанија и Република Северна Македонија и изрази жалење затоа што не биле отворени досега, пренесува „Јутарњи лист”.

Во врска со францускиот предлог за методологија за прием на нови членки во ЕУ, Пленковиќ повтори дека рамката за преговори, која моментно се користи и за Србија и за Црна Гора, има можност за суспензија на секое поглавје и враќање на веќе привремено затворените поглавја. а во тоа е вклучена и реверзибилноста на процесот.

Тој додаде дека со германската канцеларка разговарал за билатерални и европски теми.

Во Загреб се одржува конгрес на Европската народна партија (ЕПП), која е најсилната политичка група во Европскиот парламент.