Меркел и Макрон се договорија да ни дадат датум!  

Очекуваме зеленото светло од Макрон за старт на преговорите, изјави вчера францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. Неколку дена претходно, Тимоние рече дека Франција сè уште не одлучила како ќе се изјасни за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ и за неа е многу важно владеењето на правото, а одлучувачки ќе биде генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Оптимистичките тонови од Франција доаѓаат откако германскиот Бундестаг, во четвртокот вечерта, со големо мнозинство ú одобри на владата да се заложи за отворање пристапни преговори со земјава, но бара гаранција дека реформите ќе продолжат и Северна Македонија ќе ги исполни критериумите за членство во ЕУ

154

Очекуваме зеленото светло од претседателот Емануел Макрон, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, во петокот, во врска со очекувањата на ставот на Франција околу определувањето датум за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Коментирајќи ја одлуката на германскиот Бундестаг, францускиот амбасадор во земјава нагласи дека секоја држава има свој систем на одлучување.

-Секој со својот систем. Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател на Републиката. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и дополни и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна, изјави Тимоние. Додаде дека 27 држави од ЕУ ќе дискутираат, може да се донесат добри одлуки, но тоа значи дека е потребна дискусија, многу дебатирање и многу компромиси.

Неколку дена претходно, Тимоние изјави дека Франција сè уште не одлучила како ќе се изјасни за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ и за неа е многу важно владеењето на правото, а одлучувачки ќе биде генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

Францускиот амбасадор потенцираше дека случајот „Рекет“ треба да се разгледува реално и да се стави крај на неказнувањето на политичката елита и на едната и на друга страна.

Пратениците во германскиот Бундестаг, во четвртокот вечерта, со големо мнозинство и одобрија на владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. „За“ гласаа 476 пратеници, против 122, а 16 беа воздржани.

-Се разбира дека за датум за преговори ќе бидат земени предвид заслугите на секоја земја индивидуално, меѓутоа постои глобална визија за иднината на Европската Унија, а таа претпоставува регионална димензија, која е многу важна во одлучувањето. Заслугите и индивидуалниот прогрес на секоја земја ќе бидат вреднувани одделно, но генералниот пристап за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе биде најважен, истакна амбасадорот Тимоние, во врска со тоа дали Република Северна Македонија ќе биде разгледувана во пакет со Република Албанија, кога ќе се одлучува за доделување на датум за почнување на преговори со ЕУ.

Пратениците во германскиот Бундестаг, во четвртокот вечерта, со големо мнозинство и одобрија на владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. „За“ гласаа 476 пратеници, против 122, а 16 беа воздржани.

Пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори во земјава и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион, пренесе Дојче веле.

Владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека Северна Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.

Акциските планови предложени од Европската комисија мора да добијат јасни рокови, чие исполнување треба да биде услов за отворање на нови поглавја. Бундестагот го задржува правото да го смени својот став доколку утврди дека не се исполнуваат поставените услови за почеток на преговорите.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан го поздрави гласањето на Бундестагот за почнување преговори со ЕУ во октомври за Северна Македонија и за Албанија.

– Го поздравувам денешното гласање на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ! – напиша еврокомесарот Хан на „Твитер“.