Постигнувањето согласност со Владата на САД околу гасоводот Северен тек 2 е добар чекор, кој меѓутоа не ги премостува сите билатерални разлики, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

Важно е Украина и натаму да остане транзитна земја за гасот, а енергијата да не се користи за Украина да биде доведена во тешка ситуација. Текстот околу Северен тек 2 е усогласен со американската влада, потенцираше Меркел. Конгресот е друга институција, таму постојат бројни критички гласови околу гасоводот, пренесе Дојче Веле.

Германската канцеларката добила ветување од Русија дека нема да го користи гасот како оружје.

„Но нема да се остане само на држење на зборот на Москва, туку постои и можност од воведување санкции во случај тој да биде прекршен“, потенцира Меркел.

Германската канцеларка Ангела Меркел на денешната последна летна прес-конференција како канцеларка зборуваше за кризите за време на нејзиниот мандат и уште еднаш ги повика граѓаните да се вакцинираат.

„Пандемијата можеме само заедно да ја надминеме. Секој вакциниран граѓанин е еден чекор кон нормалноста“, рече германската канцеларката на нејзината редовна летна прес-конференција.

Со оглед на тоа што Ангела Меркел повеќе не се кандидира на изборите во септември, веројатно е нејзината последна голема прес-конференција на оваа функција.

Меркел укажа на зголемената инциденца во последните денови и потребата да се спречи колапсот на здравствениот систем.

„Тоа сè уште е голема обврска за политиката“, рече Меркел.

Таа ја идентификуваше корона-кризата како една од петте најголеми кризи во нејзиниот мандат. Покрај неа, откако беше избрана за канцеларка во 2015 година, Меркел се соочи и со финансиска криза, криза на опстанок на еврото, бегалска криза и климатска криза.

Во врска со борбата против климатските промени, германската канцеларка рече дека верува оти е направено премалку за време на нејзиниот мандат.

„Мислам дека вложив многу енергија во заштитата на климата, но сега гледам дека брзината мора да се зголеми“, рече Меркел.

„Сознанието што се провлекува низ мојот мандат е дека не можеме да ги решаваме проблемите на национално ниво, туку само како светска заедница, и ова е особено очигледно кога станува збор за борба против климатските промени“, рече канцеларката.

Во однос со бегалската криза, Меркел изрази жалење што сè уште нема унифицирана политика во рамките на Европската унија кога станува збор за признавање на статусот на азил и бегалец.

„Досега не успеавме да воспоставиме легална миграција и истовремено да воспоставиме правила за регулиран прием на бегалци со цел да спречиме трговија со луѓе“, рече Меркел.

Во исто време, германската канцеларка повика на прием на авганистански државјани кои работеле за Бундесверот, но отфрли понатамошен прием на граѓани од таа земја кои по повлекувањето на западните трупи може да тргнат кон Европа.

„Не можеме да ги решиме сите проблеми со прифаќање на овие луѓе“, рече Меркел.

На прашањето што ќе прави по повлекувањето од политиката на есен, Меркел рече дека нема конкретни планови, но „дека ќе знае како да го помине своето време“.

„Во моментов немам многу време да размислувам што ќе правам кога повеќе нема да бидам канцеларка“, заклучи Ангела Меркел.