Менување на статусот на албанскиот јазик во Уставот, нов чекор во албанизација на државата!

Освен двојазичните униформи, деновиве повторно се актуализираше и менувањето на формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението. Менувањето на статусот  на албанскиот јазик во македонскиот Устав  е нов чекор во албанизација на државата, коментира за весникот ВЕЧЕР, амбасадорот Ристо Никовски -Обидите на министерот за правда да се врши промена на Уставот, не само за внесување на Бугарите, туку и за други промени сврзани со Албанците во земјава, е само нов притисок за промена на уставниот карактер на државата. Прво, не смее да има никакви уставни промени, бидејќи нема никакви потреби од тоа. Истото ни е наметнато од странска држава, за жал, поддржано и од Европската Унија, на начин кој е навредлив за Македонија. Второ, и исто така многу важно, е дека Македонија нема теоретски шанси, да влезе во Унијата за помалку од дваеетина години, што потврдува дека ем не е време за таков чекор, ем дека тое е апсолутно непотребно. Од друга страна, менување на статусот на албанскиот јазик во Уставот, само е нов чекор во албанизација на државата, и како таков е неприфатлив. Дека тоа ни се случува е доказ и промената на еполетите на полицијата, додава Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР

199

Употребата на законот за јазиците и по четири години од неговото донесување сè уште ја брануваат јавноста. Одлуката униформите на полицијата и службените полициски возила да станат двојазични, со што ознаките на македонски јазик се преведени и на албански јазик, повторно ја отворија дебатата за примената на Законот за употреба на јазиците.

На униформите и на возилата на полиција сега пишува и на македонски, и на албански и на англиски јазик. За оваа промена на својот фејсбук-профил се пофали вицепремиерот Артан Груби, кој ги објави фотографиите од новите униформи, повикувајќи се на законот за употреба на јазиците кој предвидува дека во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа ќе бидат тријазични.

„Уште една успешно завршена мисија, како што ветивме! Веќе се спроведуваат во пракса измените на Уредбата за употреба на албанскиот јазик во полициските униформи и нивните симболи кои ги усвоивме претходно на владина седница“, напиша Груби на „Фејсбук“.

Венецијанска комисија џабе „везела“

Спроведувањето на овој закон во последниве неколку години се турка и покрај забелешките на Венецијанската комисија, која најде низа забелешки во законскиот текст. Уште при донесувањето на законот, пред речиси четири години, Венецијанската комисија го оцени Законот за употреба на јазиците како конфузен, без правна логика и неприменлив во практиката.

-Законот за јазиците оди премногу далеку, наметнувајќи нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употребата на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена, укажува уште во 2019 години Венецијанската комисија во забелешките што беа испратени за законското решение.

Негативното мислење што тогаш го даде  Венецијанската комисија за предлозите за двојазични пари и униформи очигледно не го спречи нивното спроведување во Македонија, но, испраќа порака дека направените измени не се во согласност со Уставот. На укажувањата на Венецијанската комисија потсети и професорката по Уставно право Тања Каракамишева-Јовановска, која е дел од ова тело. Венецијанската комисија инаку е советодавно тело при Советот на Европа каде што Македонија е полноправна членка. Советот на Европа е една од најголемите организации што се занимава со заштита на човековите права, унапредување на етничките права, владеење на правото и слични принципи, но секако мислењата и оценките на Венецијанската комисија не се обврзувачки, бидејќи нема правен механизам за нивно спроведување во државите кои се членки или кои се под надзор.

Уставот како Пандорина кутија

Освен двојазичните униформи, деновиве повторно се актуализираше и менувањето на формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението. Внесување на Бугарите во Уставот, смета министерот за правда Кренар Лога, е добар повод да се направат и други уставни измени, а меѓу нив ја спомна можноста формулацијата јазик што го зборуваат 20 отсто од населението, да се замени со формулацијата „албански јазик“.

Менувањето на статусот  на албанскиот јазик во македонскиот Устав  е нов чекор во албанизација на државата, коментира за весникот ВЕЧЕР, амбасадорот Ристо Никовски.

-Обидите на министерот за правда да се врши промена на Уставот не само за внесување на Бугарите, туку и за други промени сврзани со Албанците во земјава, е само нов притисок за промена на уставниот карактер на државата. Прво, не смее да има никакви уставни промени, бидејќи нема никакви потреби од тоа. Истото ни е наметнато од странска држава, за жал, поддржано и од Европската Унија, на начин кој е навредлив за Македонија. Второ, и исто така многу важно, е дека Македонија нема теоретски шанси, да влезе во Унијата за помалку од дваесетина години, што потврдува дека ем не е време за таков чекор, ем дека тое е апсолутно непотребно. Од друга страна, менување на статусот на албанскиот јазик во Уставот, само е нов чекор во албанизација на државата, и како таков е неприфатлив. Дека тоа ни се случува е доказ и промената на еполетите на полицијата, додава Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Со амандманот 5 на Уставот донесен во 2001 година, „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Министерот за правда Кренар Лога деновиве повторно ја отвори идејата  формулацијата јазик што го зборуваат 20 отсто од населението, да се замени со формулацијата „албански јазик“.

„Јас сум во комуникација со сите чинители во државата, со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакната личности и верувам дека работната група многу брзо, за денови или недели ќе биде составена. Се размислува не само во делот на преамбулата Уставот да претрпи измени, туку да се реши прашањето со вакуумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот и изборот на нов министер, во делот каде министерот за правда по функција е дел од Судскиот совет, во делот што беше проблематичен во пандемијата кога Собранието не можеше да заседава бидејќи беше распуштено, за промена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Како и да е, за сите овие прашања треба да имаме консензус, а за нас приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници“, смета Лога.

Бугарите се приоритет

Не се разговара за друга интервенција во Уставот, дециден е вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, откако министерот за правда  најави можност да се менуваат и други делови од Уставот.

Нема никаков договор, ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат, потенцира Маричиќ.

Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

-Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени, посочува Маричиќ.

Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.

-Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа, нагласува Маричиќ.

Ако сакаме да успееме со уставните измени, подвлекува тој, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ.

-За сите други прашања ќе биде потребна поелаборирана дискусија и таа може да се отвори и да потрае и подолго како процес, а некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени. Уставните измени, кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, се од интерес и на граѓаните и на државата. А, кога се работи за граѓаните и државата треба да имаме иста цел и да направиме услови преговорите со ЕУ да бидат ефикасни и што е можно поскоро да станеме земја членка на ЕУ, додава Маричиќ за ДВ.

Од следниот месец веќе се очекува да почне да се состанува и работната група за уставни измени во која, според најавите, ќе учествува широк спектар на општествени чинители. Власта речиси секојдневно ја повикува  опозицијата да се изјасни за предлогот да учествува и да претседава со работната група.

-Процесот на уставни измени ќе започне, прво со формирање на комисија во која се повикани и претставници на опозицијата, а конечно треба опозицијата да учествува во еден процес кој е стратешки а политичарите треба да бидат одлучни,  порача и вчера премиерот Димитар Ковачевски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера на  брифинг со новинарите информира дека сè уште нема конкретна иницијатива за уставните измени и додаде дека согласно Деловникот пленарната расправа за промена на Уставот е ограничена на три дена по амандман.

– Пресметка на време лесно се прави, од моментот кога ќе имате иницијатива. Од инцијативата произлегува опсегот кој што ќе биде опфатен, во кој правец. Ако нема консензус, напразно зборуваме. Колку и да има амандмани, пленарната и комисиската расправа се ограничени на по три дена за уставните измени. Мојата обврска почнува кога ќе добијам конкретен предлог, иницијатива, рече Џафери.Тој истакна дека за да може уставните измени да се донесат во ноември, постапката треба да почне во јуни или јули. Спикерот Џафери рече дека е определен максимумот колку може да трае дебатата во однос на амандманот, односно текстот.

– Тоа сè што ќе се договори, можно е да се спроведе, ако се постигне договор. Не е пречка, ниту процедурата, ниту тајмингот, ниту времето. Определено е колку може максимум да трае дебатата во однос на амандманот, односно текстот. И во тој контекст тајмингот не менува многу. Меѓу пленарните седници мора да има по 30 дена, од иницијативата до нацртот 30 дена. Откако ќе се утврди нацртот следи јавна расправа минимум 15 дена, максимум 30 дена. Некоја ориентирана пресметка може да се направи лесно. Јавната дебата ќе биде по сите прашања од 15 до 30 дена, рече Џафери.

Тој информира дека собраниската Комисија за уставни прашања ќе треба да претрпи измени во составот на членовите или замениците членови, поради преминување на пратеници од мнозинството во опозиција.

– Пратениците Павле Трајанов и Сафије Садики Шаини претходно беа дел од владината коалиција, па сега преминаа во опозиција. Сега тие членови треба да бидат заменети.

Во исто време, опозицијата останува на ставот дека нема да има уставни измени во овој пратенички состав. ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции од ЕУ за да не се случи ново вето од Бугарија.

Уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е услов земјата да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ по завршување на скрининг процесот. За отворање на Уставот измени е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници во Собранието. (Ј.Ц.Г.)