Меморандуми за идните градоначалници да се придржуваат до принципи за праведна транзиција

23

Со цел да се поттикне процесот на праведна транзиција во Северна Македонија еколошките здруженија ги повикуваа кандидатите за градоначалници на локалните избори 2021 за регионите во кои се врши експлоатација на јаглен како и сите региони со отворени рудници и регионите на чија територија има индустриски капацитети со високи емисии на стакленички гасови, да се обврзат дека ќе ги почитуваат осумте основни принципи на праведна транзиција.

Разбирање на концептот праведна транзиција, определување на релевантното територијално подрачје, познавање на потенцијалот на регионот, согласност од оние кои ги донесуваат одлуките, спроведување консултации со заедницата, учење од успешните приказни (споделување на искуства), поддршка на централно ниво и идентификување финансиски инструменти, се осумте принципи кои се наведени во меморандумите до градоначалниците.

– Климатските промени се најголемиот предизвик за носителите на одлуки денес. Нивните последици веќе ги трпат заедниците во светот, особено во земјите во развој како нашата кои немаат финансиски средства да се справат со штетите и загубите. Токму заради преземање заеднички активности за ублажување и прилагодување на климатските промени, вкупно 197 држави се посветија на тоа да ги елиминираат штетните активности и да ги променат своите потрошувачки практики со потпишување на Парискиот договор – велат од Еко-свест.

Тие потсетуваат дека она што е важно е дека и Северна Македонија треба да даде свој придонес во ограничувањето на глобалното зголемување на температурите од прединдустриски нивоа под 2°С, но со цел да се сведе на 1,5°С, како и да се преземат мерки за намалување на националните емисии на стакленички гасови и прилагодување на кон климатските промени.

– Она што е најважно е да се започне со праведна транзиција за борба против климатските промени и понатаму да развиваат достојна работа и квалитетни работни места во согласност со развојните приоритети утврдени на национално ниво. Како резултат на овој Договор, регионите во кои се врши експлоатација на јаглен низ целиот свет се соочија со една нова реалност: земјите треба да преземат итни мерки за затворање на електраните кои користат јаглен, да преминат кон технологии кои користат ниско ниво на јаглерод и да преземат активности за зголемување на енергетската ефикасност – појаснуваат од Еко-свест.

Според Еко-свест светот денес не може да си дозволи постоење на ситуација во која има индустрии кои интензивно користат јаглерод и, за таа цел, регионите кои се богати со јаглен и лигнит мора да се справат со предизвикот наречен праведна транзиција.

Земјите од Западен Балкан, од кои повеќето сè уште се зависни од овие ресурси, сепак ја потпишаа Софиската декларација и се заложија да станат клима неутрални до 2050 година. За таа цел овие држави треба да обезбедат транзиција кон декарбонизиран енергетски сектор, а праведноста на оваа транзиција е клучен аспект во овој процес.

– Сакаме да ги потсетиме носителите на одлуки во државава дека најавеното продолжување со работа на ТЕЦ Осломеј е спротивно на заложбите кои ги преземаа токму со Софиската декларација и Зелениот договор за земјите од Западен Балкан како и со националните стратешките документи а се коси и со високите климатски цели поставени во ревидираниот национален придонес кон УНФЦЦЦ. Било каква добивка која ќе ја имаме како резултат на продажбата на електричната енергија добиена од јаглен граѓаните кои живеат во близина на термоелектраните ја плаќаат со своето здравје, здравјето на своите деца и скусени години од својот живот. Општините зафатени со овие процеси треба да бидат главните носители на процесите на праведна транзиција во земјата – велат тие.