Мелбурн подготвен да излезе од најдолгиот „локдаун“ во светот поради Ковид-19

69

Милиони луѓе во Мелбурн се подготвуваат да излезат денеска од најдолгото затворање поради Ковид-19 во светот , иако бројот на нови случаи се уште е близу до рекордно ниво.

Од почетокот на август, жителите на вториот по големина град во Австралија се во изолација – нивното шесто затворање за време на пандемијата – во обид да ја задушат епидемијата предизвикана од многу заразниот сој Делта.

Официјалните лица ветија дека ќе ја укинат забраната откако вакцинацијата со двојна доза за лица над 16 години надмина 70 проценти во државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн. Премиерот Скот Морисон потврди дека државата ја постигнала таа цел, така што има места каде стапките на вакцинација достигнуваат 80 и 90 проценти.

Од 23:59 часот (13.59 GMT) во пабовите и кафулињата може да има 20 посетители – кои се вакцинирани двапати – во затворени простории, и 50 на отворено, додека фризерите можат да дозволат влез за пет клиенти. Маските и понатаму ќе бидат задолжителни и во затворени и на отворено.

Додека компаниите се подготвуваат да ги пречекаат клиентите, дневните инфекции во Викторија се зголемија на 2.232 , втор најголем дневен број во која било австралиска држава за време на пандемијата.