Мекгрегор изгледаше како дрогиран, тој е смртоносно оружје

83

Ахмед Абдиризак, 22-годишното момче кое беше нападнато од познатиот УФЦ борец Конор Мекгрегор, го опиша секој детаљ од инцидентот кој неодамна се случи во Флорида.
Имено, ирскиот ММА борец беше уапсен во Мајами откако на еден навивач му го скрши телефонот во моментот кога сакаше да се фотографира со него. Американската полиција соопшти дека двократниот УФЦ шампион ќе биде обвинет за кражба и напад на друго лице.

Инцидентот се случил во еден хотел, иако пред неколку дена се споменуваше дека се работи за ноќен клуб. Според полициските извештаи, Мекгрегор му го земал телефонот на својот обожавател, го фрлил на под и почнал да го гази, а потоа остатоците ги земал со себе само затоа што навивачот сакал да направи „селфи“ со него. Контроверзниот борец набргу потоа беше приведен, а потоа и пуштен на слобода со кауција од 12.500 долари.

Нападнатиот Ахмед тврди дека стравувал по својот живот кога ММА ѕвездата го удрила по раката во која се наоѓал телефонот.

-Беше со тимот кој го штити кога влегува во УФЦ кафезот. Нема да лажам, бев исплашен за својот живот, човекот е смртоносно оружје. Го погледнав во лице, очите му беа невообичаени. Беше многу лут. Не знам дали беше пијан или на некои дроги… Изгледаше како да беше пијан, истакна Абдиризак.

Кавгата се случила во пет часот наутро во холот на хотелот, кога младото момче налетало на ММА ѕвездата додека чекало да се реши проблемот околу рентирање на автомобил.