Медот ќе се користи само за лек, цената се качи над 600 денари за тегла

82

Неминовно е да го смениме односот и да го прифатиме медот како значаен животен продукт во исхраната. Статистичките податоци укажуваат дека ние трошиме помалку од еден килограм мед годишно по глава на жител, додека во многу земји во светот е десет пати повеќе. Исто така, сè повеќе е присутен мед кој се меша со разни сирупи за да се добие брз профит, при што се уништуваат неговите природни својства. Токму затоа потребна е соодветна едукација на купувачите, беше посочено на свеченото отворање на „Денови на македонскиот мед 2022“.

Манифестацијата по 18. пат ја организира пчеларското здружение „Матица“ од Скопје, со поддршка од Општина Центар. Посетителите до 30 септември, на штандовите поставени долж улицата „Македонија“, ќе можат да купат природен мед, матичен млеч, полен, прополис, комбинации на природен мед со лековити билки, природна козметика, но и други пчелни производи.

Цената на тегла мед чини 600 денари. Продавачите посочија дека се обидуваат да ги задржат цените на медот, за да може секој купувач да си го дозволи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, отворањето на манифестацијата порача оти посакува уште многу настани кои ќе ги промовираат македонските производи.

-Горди сме што оваа година достигнавме рекорд на поддршка на многубројни манифестации кои се одржуваат и тука во Скопје и низ целата држава, а кои ја промовираат органската храна, биохрана, еколошката македонска храна, медот, останатите наши убави производи – 47 рекордни манифестации се одржуваат оваа година. Рекордите ги поставуваме и во меѓународното промовирање на нашите производи, затоа голем број на здруженијата, како здружение „Матица“ и многу други економско-социјални партнери на Министерството даваат поддршка, односно учествуваат и ги промовираат овие производи, рече Николовски.

Тој ги повика пчеларите за како што рече, да ги дефинираат новите правила, новите модели, промените во субвенционирањето, но и за тоа како да го подобрат целокупниот сектор и како да имаат подобра финансиска поддршка до вистинските пчелари, до вистинските производители.

Претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билболовски, денеска по повод отворање на манифестацијата, посочи дека истата е од особена важност за едукација на посетителите, како да го препознаат вистинскиот мед од како што рече, „наплив“ на се поголем број фалсификати.

-За жал, кај нас медот повеќе се користи како лек, отколку како храна. Живееме во време кога напнатоста и стресот се општо прифатени како начин на живот. За жал, денес постојат голем број вируси, алергии, болести кои пред стотина години не постоеле. Дел од нив се поради неправилната и вештачка исхрана. Единствениот начин на кој луѓето можат да живеат во склад со природата е да ја почитуваат, да не ја загадуваат, да ги заштитат животните и инсектите, растенијата, зашто само таква природа може да ни обезбеди здрав живот со сите благодати, рече Билболовски.

Според Билболовски, еден од тие дарови на природата е медот, кој претставува единствена природна супстанција која уште од дамнина е сметана за храна и лек.