Медот се поскап, пчеларите се правдаат со поскапувањето на сите артикли на пазарот

178

Македонскиот мед има се повисока цена на пазарот и од месец во месец станува се поретко достапен кај мнозинството граѓани иако во европски рамки бројот на потрошени килограми мед по глава на жител е во постојан пораст. И медот со најлош квалитет што се нуди на пазарот невозможно е да се најде по цена пониска од 500 денари, а поквалитетниот се продава по цена од 600 и 700 денари за тегла, со тенденција  за натамошен раст.

Пчеларите новите повисоки цени на медот ги правдаат со поскапување на сите артикли на пазарот, како и се помалите количества на мед што ги добиваат и што се нудат во земјава.

-Медот како и сите останати прехранбени продукти ако е природен мора да има своја цена. Секоја година одгледувањето на пчели станува се поскапа работа, а и самата живеачка од ден на ден е се поскапа. Јас, а секако и моите колеги низ годините можеме да потврдиме дека количеството на добиениот мед секоја година е се помало, а често се случува приносите на мед да потфрлат и повеќе години по ред, изјави Васко Максимоски, пчелар од Порече.

Тој посочи дека во оваа дејност и не е се така едноставно, како што тоа изгледа отстрана.

-За да имате здрави пчелни семејства треба барем половината мед од сандаците да им биде оставен на пчелите за зима, како што тоа јас го чинам. Можам да им оставам и друг вид на храна која би ме чинела поевтино, а губитокот на пчели би бил многу поголем, додаде пчеларот Максимоски кој поседува 180 пчелни сандаци.

И пчеларите од Кичевско зголемените цени на пазарот на мед ги правдаат со се повисоките цени за одгледување на пчелите, од лекарства и храна за нив, до се почестите болести кои се појавуваат во пчеларниците и губитоците на повеќе пчелни семејства.

-На граѓаните им е можеби непознато дека одгледувањето на пчели станува се поскапа работа. Токму тоа повлекува и цената на медот од година во година да биде се повисока. Ако добивате мед со висок квалитет без никакви примеси, тогаш ве уверувам дека неговата цена не може да биде ниска и кој сака да ужива во квалитетен мед мора и прописно да плати, посочи Владо Пејоски, пчелар од Кичевско.

Никој, порача, не е во тек со проблемите со кои се соочуваме од се почести болести во пчеларниците, до големо потфрлање во приносите во период од неколку години.

-Тие проблеми секако се причина медот да биде се поскап, бидејќи и овој здрав продукт не може да биде исклучок од останатите намирници кои секојдневно имаат нови, повисоки цени, додаде тој.

Некои пчелари сепак признаваат дека цената на медот е превисока во однос на нашиот стандард,  но како што велат, пчеларите  ја договараат продажната цена и ретко кој не се придржува кон овој договор кој оди во нивна заедничка корист.