Медот од Пијанец на рафтовите на европските пазари

74

Пчеларите од Пијанец имаа добра година кога е во прашање квалитетот на медот од ова подрачје. Еден од пчеларите кои потврдија дека годината била добра е Славе Никовски од делчевското село Истевник, кој е меѓу првите пчелари во општината и се занимава со одгледување на над 200 пчелни семејства.

– Оваа година пчеларството кај мене се наоѓа во добра здравствена состојба и со добри приноси во однос на купувањето во одделни општини. Пчелите се наоѓаат во атарот на село Нов Истевник. Имам над 200 пчелни семејства и со добри резултати имам принос до 25 килограми по пчелно семејство – вели Никовски.

Според него, за добрата состојба на пчелите, покрај поволните временски услови минатата година, придонесоа и надлежните институции, што се почесто им вршат уредна контрола за квалитетот на медот. Медот на големо му го земаат дистрибутери од Берово и Струмица, што според Никовски е конкурентен и за европскиот пазар.

– Медот го продавам во најголем дел за потребите на домашниот пазар. Медот е квалитетен што може да се потврди со самото тоа што во залиха не ми останува повеќе од десет килограми. Го купуваат Беровци и Струмичани по цена што на големо се движи од 300 до 350 денари за килограм. Медот е докажано дека е чист и природен со извршена анализа од страна на ветеринарниот факултет во Скопје – додава Никовски.

Никовски е докажан пчелар од Пијанечко што е многу пати потврдено со наградите што ги добил преку учество на натпревари и саеми на домашни производи.